Британскиот премиер Енди Брнам, кој е страстен љубител на фудбалот и на клубот Евертон, планира да ја укине забраната за консумирање алкохол на фудбалските стадиони.
Британците не смеат да консумираат алкохол на фудбалските стадиони уште од 1985 година, но тоа наскоро би можело да се промени. Тогаш Маргарет Тачер го забрани консумирањето алкохол во близина на теренот во првите пет лиги на машкиот фудбал.
Во тоа време, тогашниот министер за внатрешни работи Леон Британ изјави дека алкохолот е главниот фактор кој придонесува за насилство и нарушување на јавниот ред и мир на фудбалските терени.

Четири децении подоцна, Здружението на фудбалски навивачи (FSA) смета дека застареното законодавство треба да се преиспита, а Енди Брнам се согласува.
Освен што ја предводи Лабуристичката партија и ја извршува функцијата премиер, Брнам е страстен љубител на фудбалот и навивач на Евертон.
„Мислам дека тој закон потекнува од времето кога фудбалот беше многу поинаков. И навистина верувам дека постои причина да се отстрани таа дискриминација. Постојат различни начини на кои тоа може да се направи. Тоа би можело да се случи на пробна основа“, призна Брнам за време на посетата на Обединетите нации во Њујорк.

Оваа иницијатива, сосема сигурно, ќе ја поддржат илјадници навивачи ширум Британија.
„Нема да отстапам од мојот долгогодишен став. Не гледам како може да биде фер кон одредени приврзаници на еден спорт да се постапува поинаку“, додаде тој.
Промената веќе успешно е спроведена во женскиот фудбал. Во јули, двете највисоки рангови на женскиот фудбал потврдија дека ќе им дозволат на навивачите да пијат на трибините за време на натпреварите, по 18-месечниот пробен период кој започна во јануари 2025 година.










