Саудискиот амбасадор во Велика Британија, принцот Калид бин Бандар Ал Сауд во интервју за „LBC“ откри дека консумирањето на алкохолот нема да биде дозволено на Светското првенство во 2034 година.
Како што истакна, кога тие ќе го организираат Мундијалот нема да има исклучоци, така што алкохолот нема да биде дозволен во хотелите, рестораните или стадионите.
Оваа најава доаѓа откако алкохолот беше делумно дозволен за време на Светското првенство во Катар во 2022 година.
„Нема да дозволиме алкохол на Мундијалот, луѓето можат да се забавуваат без него. Не е 100 отсто неопходно и ако сакате да испиете нешто, направете го тоа, но кога ќе ја напуштите нашата татковина. Ние во моментов не служиме алкохол“, рече Ал Сауд и додаде:
„Во светот постојат многу различни култури и среќни сме што ќе можеме да угостиме многу различни луѓе, но не сакаме да ја менуваме нашата култура поради некој друг“.
Запрашан дали геј навивачите ќе можат безбедно да присуствуваат на Светското првенство во 2034 година, тој истакна дека „Саудијците ќе им понудат добредојде на сите во Арабија“ и продолжи:
„Ова не е саудиски туку светски настан, и ќе им посакаме добредојде на сите кои сакаат да дојдат во нашата земја“.
Се очекува Светското првенство да се одржи во есен или зима бидејќи температурите во лето во Саудиска Арабија надминуваат 50 степени, рече Ал Сауд.
Саудиска Арабија ќе биде домаќин и на Азискиот куп во 2027 година, на Зимските азиски игри во 2029 година и на Азиските игри во 2034 година.