Има детали инспирирани од авто-трки и 122 коњски сили под хаубата.
"Лада Нива" која ја гледате тука не е многу различна од оригиналната верзија што беше лансирана далечната 1977 година.
Официјално, тоа е најстариот „нов“ автомобил што сè уште се продава. А сега постои и "Sport" верзија.
Најавена кон крајот на минатата година, токму сега пристигнува во продажните салони, со почетна цена нешто под 18.000 евра.
Овој мал, ново-стар теренец доби низа унапредувања во "Sport" опремата, од кои најважното е значително зголемување на силата.
Наместо стариот 1.7-литарски мотор, сега под хаубата работи 1.6-литарски четирицилиндричен мотор со 16 вентили, кој развива 122 коњски сили.
Вистина е дека тоа сè уште не е премногу, но ако се земе предвид дека претходниот мотор имаше само 83 коњски сили, ова е значителен напредок. Сепак, и натаму му треба речиси 12 секунди за да забрза до 100 км/ч.
Тоа не е сè што нуди "Sport" верзијата. Силата се пренесува преку унапреден петстепен мануелен менувач, иако "AutoVAZ", матичната компанија на "Лада", не прецизира кои се разликите.
Како што дознава "Motor1. com", суспензијата и сопирачките се подобрени, но – како и кај менувачот – деталите не се објавени.
Визуелно, "Niva Sport" има нов преден браник со тесни дневни светла. Тука се и нови 17-инчни алуминиумски фелни.
И понатаму користи постојан погон на сите четири тркала, со редуктор за потешки терени. Има и нешто поголем клиренс од стандардната "Нива".
Внатре, работите не се веќе толку застарени. "Niva Sport" презема помодерни додатоци од моделот "Niva Legend", како што се "грејани" предни седишта, електрично приспособливи ретровизори и клима-уред.
Спортските детали вклучуваат специјални навлаки на седиштата и спортски управувач.