Данската компанија „Arla Foods“ планира спојување со германскиот конкурент „DMK Group“ со цел да се создаде најголемата европска млечна задруга во сопственост на повеќе од 12 илјади сточари, објавија двете компании во заедничко соопштение.
Задругата ќе го носи името Арла, а Педер Туборг (Туборг), актуелниот извршен директор, ќе остане на чело на компанијата чие седиште и понатаму ќе биде во Данска.
„Arla Foods“ е една од најголемите светски млечни компании, а истовремено и водечки производител на млечни производи во Скандинавија. Основана е во 2000 година со спојување на данските и шведските млечни задруги, а денес е меѓународна кооперација со сточари од повеќе европски земји.
Заедничката задруга ќе има проценет годишен приход од 19 милијарди евра, соопштија компаниите.
„Ова спојување е природно продолжение на нашата силна соработка во корист на потрошувачите, нашите сточари и нивната цена на млекото“, изјавил Туборг.
Новиот субјект ќе биде посилен и поотпорен во соочувањето со очекуваниот пад на вкупните европски количества млеко, преку поразновидно портфолио на производи и позиција на пазарот, велат тие.
„Преку глобалниот дострел на Arla, можеме да пристапиме до потрошувачите и клиентите надвор од нашиот сегашен географски дофат, како и да ја зајакнеме нашата деловна отпорност“, изјавил извршниот директор на „DMK Group“, Инго Милер.
Договорот за спојување е предмет на одобрување од одборот на претставници на двете компании, кои ќе гласаат за него во јуни годинава. Исто така потребно е и добивање на регулаторни одобренија, кои се очекува да бидат донесени до крајот на 2025 година.