Додека Светското фудбалско првенство е во полн ек, една анализа се обиде да одговори на прашање што нема врска со голови и трофеи — кој е најзгодниот фудбалер на турнирот.
Експертите притоа го користеле златниот пресек, математичка формула што старите Грци ја поврзувале со идеални пропорции на лицето.

Според анализата што ја спровела компанијата „DreamAI“, најзгоден фудбалер на Светското првенство е аргентинскиот репрезентативец Родриго Де Пол. Зад него се германскиот репрезентативец Каи Хаверц и англискиот фудбалер Нони Мадуеке.
Златниот пресек, познат и како „Phi“, е математички сооднос од 1,618, кој со векови се поврзува со убавина и хармонија. Претпоставката е дека лицата чии пропорции се поблиску до овој сооднос се сметаат за попривлечни.
За потребите на истражувањето, експертите од „DreamAI“ зеле 150 фудбалери кои најчесто се пребаруваат на Гугл и ги анализирале со помош на алатката „Golden Face Ratio“.
„Интересно е што ова рангирање не ја следи нужно фудбалската слава“, истакнал Георги Димитров, извршен директор на „DreamAI“.
„Некои имиња за кои многумина би очекувале да бидат на врвот се наоѓаат значително пониско, додека Родриго Де Пол заврши пред некои од најпрепознатливите фудбалери во светот“, додал тој.
Аргентинецот Родриго Де Пол го освои првото место со резултат од 74,18 отсто совпаѓање со златниот пресек.
Веднаш зад него се наоѓа Каи Хаверц со 74,10 отсто, додека трет е Нони Мадуеке со 73,29 отсто.

Во првите пет се пласираа и Мохамед Салах со 73,27 отсто и бразилскиот талент Ендрик со 73,25 отсто.
Шестото место го зазеде јужнокорејскиот репрезентативец Сон Хеунг-мин, а меѓу десетте најзгодни според оваа анализа се и Ник Волтемаде, Џонатан Та, Ваут Вегхорст и Скот Мектоминеј.

Еден од најинтересните резултати од студијата се однесува на Кристијано Роналдо. И покрај репутацијата на еден од најфотогеничните и медиумски најекспонираните фудбалери во светот, Португалецот заврши дури на 45-то место со 70,98 отсто.
„Роналдо веројатно е најдобриот пример. Тој е еден од фудбалерите што посветуваат најмногу внимание на имиџот, но овде е дури 45-ти. Тоа покажува колку златниот пресек е специфична алатка“, нагласил Димитров.

Тој додал дека анализата не ги мери стилот, харизмата, самодовербата или популарноста.
„Не мериме нечија појава, стил или пазарна вредност. Ги гледаме исклучиво пропорциите на лицето, а тоа е нешто сосема друго“, објаснил Димитров.

Меѓу 20-те најдобро рангирани фудбалери се наоѓаат и Коди Гакпо, Жоао Невеш, Бруно Фернандеш, Арда Ѓулер, Ајван Тони, Алисон и Брахим Дијаз.