Грчката даночна управа (AADE) ја интензивира борбата против пиратеријата на Интернет и за првпат во фокус ги става и обичните интернет корисници.
Граѓаните кои гледаат или преземаат филмови, серии, музика, фотографии или спортски настани преку торенти или нелегални услуги за стриминг сервиси – ризикуваат високи казни, кои можат да достигнат и до 10.000 евра.
Врз основа на новиот закон 5179/2025, AADE добива проширени овластувања да ги идентификува и санкционира не само организираните групи кои дистрибуираат пиратски содржини, туку и крајните корисници. Санкциите зависат од начинот на употреба:
• Приватно користење: Казна од 750 евра за секое откриено гледање или преземање на пиратски содржини. Во случај на повторени прекршоци, сумата се зголемува на 1.500 евра.
• Јавна употреба: Доколку пиратски содржини се прикажуваат на јавни места, како што се кафулиња или хотели, казната е 1.500 евра, двојно се зголемува на 3.000 евра доколку прекршокот се повтори.
• За профит: Доколку пиратеријата се користи за финансиска добивка (на пр. преку реклами или претплати), казната достигнува 5.000 евра, а во случај на повторување, 10.000 евра.
AADE, во соработка со други тела како што се единиците за финансиска инспекција и контрола на пазарот, сега има можност да ги идентификува корисниците кои го прекршуваат законот преку нивните IP адреси. Овие адреси потоа се поврзуваат со даночниот број (AFM) на граѓанинот, што овозможува автоматско издавање казни без дополнителен процес.
Воведен е и механизмот „dynamic blocking“.
Новиот закон, исто така, им дозволува на властите да го блокираат пристапот до сајтовите што дистрибуираат пиратски содржини во рок од само 30 минути. Откако ќе се открие нелегална содржина, Комисијата за борба против пиратеријата на Интернет (EEPP) може да издаде наредба до сите интернет провајдери во земјата технички да го блокираат пристапот до предметната страница – било по IP адреса или домен. Блокирањето е комплетно и важи за сите корисници во Грција, без разлика на провајдерот.
Во случај страницата да ја смени адресата или да се пресели на друг сервер, системот автоматски започнува нова процедура за блокирање.
AADE веќе формирала специјализирани тимови за дигитален надзор, кои користат напредни алгоритми за секојдневно следење на социјалните мрежи и платформите за содржина. Целта е брзо да се препознаат и обработат сите форми на дигитална пиратерија.
Мерката доаѓа како дел од пошироката кампања за заштита на авторските права и намалување на загубите во креативната индустрија, а предупредувањето е јасно: дури и гледањето на еден пиратски филм дома може да ве чини стотици или илјадници евра.