Уредот наречен „Адам“, кој се вградува во семените канали, би можел да понуди реверзибилна алтернатива на кондомите и вазектомијата.
Контрацептивот наречен „Адам“ се состои од хидрогел кој се раствора во вода и се вметнува директно во семените канали, така што се спречува сперматозоидите да се измешаат со семената течност. Компанијата „Contraline“, која стои зад овој производ, тврди дека тоа е реверзибилна алтернатива на кондомите и вазектомијата, бидејќи хидрогелот е дизајниран да се разложува во телото со текот на времето и на тој начин да овозможи враќање на плодноста.
Како дел од првата фаза од клиничкото испитување, соопштено е дека „Адам“ успешно го блокирал исфрлањето на сперматозоидите во текот на 24 месеци, пишува „Гардијан“. Кај двајцата учесници кои го достигнале овој временски рок, немало траги од сперматозоиди во спермата. Исто така, не биле регистрирани сериозни несакани ефекти.
„Ова е навистина возбудливо, бидејќи нашата цел од самиот почеток беше да создадеме двегодишен машки контрацептив. Тоа е она што го бара пазарот: привремена, реверзибилна контрацепција за мажи што трае две години. А сега ги имаме првите докази дека ова е можно“, рекол Кевин Ајзенфрац, основач и извршен директор на „Contraline“.
Ајзенфратс додал дека 25 учесници биле вклучени во испитувањето во различни временски рамки, па затоа наскоро се очекуваат дополнителни резултати. Вградувањето на имплантот се изведува со минимално инвазивна процедура која трае околу 10 минути и се изведува под локална анестезија, така што пациентот останува буден за време на процедурата.
„Адам“ не е првиот контрацептив од овој тип. Импланти што ги блокираат семените канали биле развиени и претходно, но Ајзенфрац рекол дека некои користеле материјали што не се разложуваат во телото. Кај таквите решенија, недостасуваат докази дека плодноста се враќа по отстранувањето, а постои и ризик од оштетување или создавање лузни на каналите, што може да доведе до трајна стерилност.
Резултатите од студијата сè уште не се објавени во рецензирано научно списание, ниту пак содржат податоци за реверзибилност на имплантот. Сепак, Ајзенфрац тврди дека хидрогелот има предвидлив рок на траење и дека студиите врз животни покажале дека се разложува со текот на времето. Кај луѓето, пониските дози покажале пократок ефект. По две години, мажите можат да одлучат дали сакаат нов имплант. Тимот работи и на процедура за „реверзибилност по потреба“, а мажите би можеле да користат тестови за сперматозоиди дома, за да проверат дали имплантот сè уште работи.
До крајот на годината „Contraline“ планира да ја започне втората фаза од испитувањето во Австралија со 30 до 50 учесници. Професорот Ричард Андерсон, експерт за хормонска контрацепција на Универзитетот во Единбург, ги поздрави резултатите: „Импресивно е што ова навистина функционира, прекрасно е. Сега имаме и хормонски и нехормонски методи во напредна фаза на развој, што нè става во подобра позиција од кога било досега кога станува збор за воведување на машки контрацептивни средства на пазарот.“
Меѓутоа, Андерсон и професорот Џон Оутли од Универзитетот во Вашингтон истакнале дека сè уште нема податоци за реверзибилноста на Адам, ниту пак е познато точно колку долго трае еден имплант. Исто така Андерсон рекол дека сè уште не е докажано дека имплантот може да се отстрани, додека Оутли истакнал дека долгорочните последици од блокирањето на семените канали сè уште се непознати.
Оутли рекол дека Адам може да биде моќна опција, но дека неговата популарност можеби нема да биде голема: „Ако можат да избираат помеѓу апче, фластер, инјекција или операција, верувам дека повеќето мажи сепак би го избрале апчето или фластерот“, заклучил Оутли.