Возниот парк на полицијата во Дубаи е збогатен со „Rolls-Royce Cullinan“, ексклузивно модифициран од познатиот германски тјунер „Mansory“.
Во град познат по облакодерите, сјајниот луксуз и полициската флота која повеќе наликува на колекција од суперавтомобили отколку на класични службени возила, Дубаи повторно ја подигна скалата.
Полицијата официјално го претстави најновото засилување во својата флота – уникатен примерок на „Rolls-Royce Cullinan“, специјално модифициран од германската тјунерска куќа „Mansory“, пренесува „Index“.
Возилото беше официјално откриено оваа недела и претставува втор заеднички проект помеѓу „Mansory“ и полицијата на Дубаи.
„Cullinan“, кој и во својата стандардна верзија е синоним за луксуз во „SUV“ сегментот, во рацете на „Mansory“ доби целосно нов визуелен и аеродинамичен идентитет.
Автомобилот е обоен во препознатливата зелено-бела комбинација на локалната полиција, а опремен е со проширен каросериски пакет, агресивни линии, карбонски аеродинамични елементи и низа уникатни детали.
Импресивниот изглед го надополнуваат огромни тркала по мерка и редизајнирана предна маска.
Иако ентериерот не е целосно прикажан, според репутацијата на „Mansory“ се очекува висок степен на луксуз, со најквалитетни материјали и интегрирана полициска технологија.
Овој уникатен „Cullinan“ се приклучува на веќе легендарната полициска флота на Дубаи, која вклучува суперавтомобили како „Lamborghini Aventador“, „Bugatti Veyron“ и „Aston Martin One-77.“
Овие егзотични возила се користат и за брзи интервенции, но и како туристичка атракција и промоција на јавни настани.
Со додавањето на ова ексклузивно возило, полицијата во Дубаи уште еднаш ги брише границите помеѓу луксузот, моќта и службената функција, потврдувајќи го својот статус како најраскошна полициска флота во светот.