Јапонците расклопија кинески електричен автомобил, па останаа изненадени: Сега е јасно зошто толку ја намалува цената на пазарот

Супермен

08/06/2026

17:18

1.225

Големина на фонт

а а а

Кинеските автомобили со години ја носеа етикетата на поевтина стока што не може сериозно да им парира на европските и јапонските брендови. Меѓутоа, таа слика забрзано се менува, особено кога станува збор за електричните возила.

Кинеските производители денес не го освојуваат пазарот само со ниска цена, туку и со производство организирано поинаку од она на кое се навикнати традиционалните автомобилски гиганти.

Токму тоа го покажаа јапонските експерти кога детално го расклопија електричниот модел „BYD Atto 3“. Анализата требало да покаже како кинескиот производител успева да понуди автомобил по значително поконкурентна цена, а заклучоците предизвикаа сериозно внимание во јапонската автомобилска индустрија.

Цената не е случајна

На прв поглед, лесно е да се заклучи дека кинеските електрични автомобили се поевтини затоа што доаѓаат од пазар каде што производствените трошоци се пониски. Сепак, расклопувањето на моделот на „BYD“ покажа дека работата не е толку едноставна.


Предноста на компанијата „BYD“ лежи во тоа што голем дел од најважните компоненти ги произведува самата. Тоа значи дека кинескиот гигант не зависи во иста мера од долгиот синџир на добавувачи, што е чест случај кај европските и јапонските производители.

Кај електричните автомобили тоа е особено важно бидејќи батеријата е најскапиот дел од возилото. Ако производителот сам ги развива и произведува батериите, има далеку поголема контрола врз цената, квалитетот и темпото на производство. „BYD“ токму на тоа поле изгради огромна предност.

Помалку посредници, повеќе контрола

Традиционалната автомобилска индустрија со децении функционира преку широка мрежа на добавувачи. Една компанија произведува електроника, друга батерии, трета одредени склопови, четврта делови за ентериерот. Секој од тие чекори има своја цена, рокови, логистика и маржа.


„BYD“, од друга страна, голем дел од тој процес го задржал во свои раце. Таквиот систем му овозможува побрзо да носи одлуки, поедноставно да го приспособува производството и да ги намалува трошоците што кај конкуренцијата се натрупуваат низ целиот синџир.

Јапонците особено ги изненадило техничкото решение

Еден од деталите што привлекол големо внимание е начинот на кој „BYD“ обединува повеќе клучни системи во една погонска целина. Наместо голем број одвоени компоненти, одделни склопови се споени така што автомобилот има поедноставна конструкција.

Таквиот пристап значи помалку делови, помалку комплицирана монтажа и пониски трошоци. Во пракса, тоа му носи заштеда на производителот, а на купувачот му овозможува поповолна цена на автомобилот.


За јапонските производители, кои со години важеа за мајстори на ефикасноста и доверливоста, ваквата анализа е јасен сигнал дека правилата на играта се менуваат.

„BYD“ повеќе не е само „евтина алтернатива“

Она што најмногу ја загрижува конкуренцијата е фактот дека „BYD“ не расте само затоа што е поевтин. Компанијата сè повеќе покажува дека може да понуди електрични автомобили кои се технолошки конкурентни, добро опремени и ценовно привлечни.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk