Кинескиот бренд сè уште не ги открива деталите за погонскиот систем на својот футуристички пикап
Иако "Tesla Cybertruck" сè уште важи за најнеобичниот пикап на пазарот, кинескиот "GAC" има нов адут кој би можел сериозно да му се закани – и по цена и по изглед.
Нивниот модел, наречен "Pickup 01", првпат беше прикажан како концепт на авто-салонот во Шангај, а сега е официјално потврдено дека влегува во сериско производство и дека ќе биде достапен на глобалниот пазар.
Сериското производство е закажано за 2027 година, а "GAC" нагласува дека "Pickup 01" нема да биде ексклузивно возило само за кинескиот пазар.
Според порталот "Autohome", "GAC" планира да го пласира овој модел и во Австралија, Саудиска Арабија, Чиле, Мексико и други земји каде веќе има свое присуство.
Оваа државна компанија, која има заеднички проекти со "Toyota" и "Honda", сè уште не ги открива техничките спецификации за погонот на возилото.
Концептот изгледа како спој меѓу "Tesla Cybertruck" и новиот "GMC Hummer EV" – со „кутиест“ дизајн и остри линии што го прават впечатлив меѓу мноштвото кинески пикап возила.
Сè уште не е јасно колку серискиот модел ќе наликува на концептот, но се претпоставува дека нема драстично да отстапува.
Ако сериската верзија остане верна на концептот, фокусот ќе биде ставен на теренските способности, со големо растојание од подлогата, куки за влечење и уникатни тркала.
Концептот вклучува и две "LED" светлосни ленти над шофершајбната, како и камери наместо класични ретровизори.
Во кабината се очекуваат значајни измени. Концептот има волан поставен на шина која овозможува негово поместување од левата кон десната страна – решение кое би го олеснило прилагодувањето за различни пазари, но тешко дека ќе ги помине безбедносните стандарди.
Сепак, некои од карактеристиките на концептот би можеле да се задржат и во сериската верзија – како широкиот инфотејнмент екран и минималистичкиот дизајн на ентериерот.