Апсења во Агенцијата за набавки на НАТО: зделките со набавка на оружје и муниција веќе се познати како проблематични, а во време кога сè повеќе се инвестира во одбраната, ризикот од корупција станува многу реален.
Првите две апсења беа објавени во среда (14 мај) од страна на белгискиот јавен обвинител. Како што е наведено, станува збор за „можни неправилности“ во договорите за набавка на муниција и беспилотни летала за НАТО.
Се сомнева дека вработени или поранешни вработени во Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО (NSPA) проследиле информации до одредени изведувачи на одбранбени услуги. „Постојат индикации дека парите добиени преку овие нелегални активности биле перени, делумно и преку основање консултантски компании“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Набргу потоа, холандските власти објавија информации за три апсења. Меѓу другите, уапсен е и 58-годишен поранешен вработен во Министерството за одбрана чија работа „вклучувала меѓународни договори за јавни набавки“, пишува Дојче Веле.
Канцеларијата на јавниот обвинител во Луксембург, каде што се наоѓа седиштето на „NSPA“, соопшти дека одредени документи била запленети во таа земја. Се додава дека истрагата е проширена на Италија, Шпанија и САД, а ја координира Евроџаст, судската агенција на Европската Унија.
НАТО: „Сакаме да дојдеме до коренот на овој случај“
На неодамнешниот состанок на НАТО во Анталија, Турција, генералниот секретар на воената алијанса, Марк Руте, изјави дека агенцијата „NSPA“ започнала свои истраги. „Сакаме да дојдеме до коренот на овој случај“, истакна Руте.
„NSPA“ вработува повеќе од 1.500 луѓе. Покрај седиштето во Луксембург, агенцијата има канцеларии во неколку други европски земји. Задолжена е за обезбедување логистичка поддршка за операциите или мисиите на НАТО, а покрај тоа, во име на земјите-членки преговара за заеднички договори за набавка на оружје и опрема.
Идејата е да се заштедат пари со овие заеднички купувања, односно со ефикасно групирање на побарувачката. Како што наведува НАТО, агенцијата работи врз принципот „без загуба и без профит“.
Минатата година, „NSPA“, во име на неколку земји-членки, потпиша договор вреден речиси 624 милиони евра за набавка на противвоздушни ракети „Стингер“. Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го објави договорот во мај 2024 година, но не прецизираше кои земји биле вклучени.
Експертот за одбрана Франческа Гранди, од организацијата „Транспаренси Интернешнл“, оценува дека тековната истрага на НАТО, без оглед на нејзиниот исход, претставува „скапоцен потсетник“ за тоа колку е важно да се има основен надзор врз тоа како се трошат јавните пари за одбрана. „Овој случај на некој начин навистина доаѓа во вистинско време, бидејќи нè потсетува на важноста на транспарентноста“, истакна таа.
Лош тајминг за НАТО
Сепак, за НАТО ова не е баш вистинско време. Поради масовното воено засилување на Русија среде војната во Украина, членките на НАТО масовно ги зголемуваат своите инвестиции во одбраната, што веројатно ќе потрае со години.
Се верува дека на претстојниот самит на Алијансата, а под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп, 32 земји-членки ќе се обврзат да трошат најмалку 3,5 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана.
Ова би бил огромен чекор напред во споредба со сегашната цел од два отсто, односно сегашната просечна пропорционална потрошувачка на БДП од 2,7%. Во текот на 2024 година, НАТО колективно потрошил 1,3 милијарди долари за одбрана, според податоците на Алијансата објавени минатиот месец.
Европската Унија, чии членки сочинуваат две третини од НАТО, исто така се подготвува за големи инвестиции. Европската комисија неодамна објави план за користење на одличниот кредитен рејтинг на Унијата за заем од 150 милијарди евра. Ова треба да им помогне на 27-те земји-членки на ЕУ да инвестираат дополнителни 800 милијарди евра во одбраната.
Повеќе пари – повеќе проблеми
Со дополнителни стотици милијарди што ќе бидат вложени во одбранбената индустрија во текот на следните пет години, јавните институции веројатно ќе се најдат под огромен притисок, бидејќи ќе мораат да управуваат со ризиците од потенцијална корупција.
Одбранбениот сектор е склон кон корупција практично насекаде во светот – поради високото ниво на тајност на владините договори, големите суми пари и чувствителната природа на преговорите, објаснува Франческа Гранди од „Транспаренси“.
Европа не е исклучок. На национално ниво и на ниво на Европската Унија, многу механизми за транспарентност честопати не се применуваат кога станува збор за одбраната и безбедноста.
Европскиот парламент, на пример, нема вообичаен буџетски надзор врз парите кои преку Европскиот фонд за мир се испраќаат во Украина за нејзините одбранбени потреби, а повеќе од десет милијарди евра веќе му биле доделени на Киев преку механизам надвор од буџетот на Унијата.
Во „Транспаренси“ се многу загрижени, бидејќи веруваат дека креаторите на политиките не се доволно заинтересирани за транспарентност и надзор во растечкиот бран на трошоци за одбрана, вели Гранди. Истовремено, лобирањето во областа на одбранбената индустрија е во пораст.
„Поради недостатокот на надзор, ризикуваме да завршиме со одбранбена архитектура која не ја обезбедува безбедноста на своите граѓани онака како што треба, која е обележана со неефикасност, која се расфрла со пари, но исто така создава простор за злоупотреба на моќ и несоодветно влијание“, заклучи експертката на „Транспаренси Интернешнл“, Франческа Гранди.