Реал Мадрид ќе ја заврши соработката со дел од искусните фудбалери по крајот на сезоната, а еден од оние кои веќе нема да му бидат на располагање на „кралскиот клуб“ ќе биде и Лукас Васкез.
Шпански „Релево“ ексклузивно објави дека клупското раководство и фудбалерот разговарале околу продолжувањето на соработката, но на крајот донеле заедничка одлука да се разделат.
На маса бил предлог за едногодишно продолжување на договорот, но преговорите не донеле компромис и било решено Лукас да може да си бара нов клуб за следната сезона.
Тоа значи дека Васкез ќе биде дел од составот на Реал на Светското клупско првенство, а тоа ќе биде и неговиот последен турнир и обид да дојде до нов трофеј во дресот на шпанскиот великан.
Лукас беше дел од Реал Мадрид уште од 2007 година, кога станал член на младинската академија, а со исклучок на една сезона во која беше позајмен во Еспањол, добиваше солидна минутажа и стигна до пет трофеи во Лигата на шампионите.