Му изгоре половина лице, а се врати по само 42 дена и гордо ги покажа лузните: Ники Лауда – симбол на храброста и волјата

Точка

21/05/2025

15:08

1.387

Големина на фонт

а а а

Ники Лауда е роден на 22 февруари 1949 година во Виена, а почина на 20 мај 2019 година во Цирих. Беше австриски возач на „Formula 1“ и трикратен светски шампион, познат по исклучителната храброст, интелигенција и неверојатното враќање во спортот по една од најтешките несреќи во историјата на трките.

Кариерата во „Formula 1“ ја започна во 1971 година возејќи за тимот „March“, но вистинскиот пробив го направи по преминот во „Ferrari“ во 1974 година. Првата светска титула ја освои во 1975 година, враќајќи го „Ferrari“ на врвот по долг пост. Само една година подоцна, на 1 август 1976 година, доживеа стравотна несреќа на патеката „Nürburgring Nordschleife“. Неговиот „Ferrari“ се запали по сударот, а Лауда доби тешки изгореници на главата и лицето и сериозно ги оштети белите дробови вдишувајќи отровни гасови.

Лекарите му даваа мали шанси за закрепнување, но Лауда со неверојатна волја се врати само 42 дена подоцна и настапи на „Grand Prix“ трката во Монца, Италија. Таа сезона ја загуби титулата во последната трка, но веќе во 1977 повторно стана светски шампион со „Ferrari“.


Се коцкаше со наследството – и успеа

Својата трета титула ја освои во 1984 година возејќи за „McLaren“, по тесна борба со тимскиот колега Алан Прост, победувајќи со најмала разлика во историјата – само половина поен. Следната година се повлече од трките по вторпат, откако веќе еднаш се беше пензионирал во 1979, но се врати во 1982.

Интересно е што на почетокот од кариерата, поради противењето на семејството кое не ја поддржуваше неговата одлука да стане возач, сам го финансираше влезот во „Formula 1“. Зеде голем банкарски кредит обезбедувајќи го со сопственото наследство – потег што дополнително ги заостри односите со семејството. Сепак, ризичната одлука се покажа како пресудна за неговата иднина.


Лузните ги носеше со гордост

По конечното повлекување од трките, Лауда стана успешен претприемач – ја основаше авиокомпанијата „Lauda Air“ и подоцна „Ники“, а исто така беше и телевизиски коментатор. Од 2012 година ја вршеше функцијата советник во тимот на „Mercedes“ во „F1“ и имаше клучна улога во доведувањето на Луис Хамилтон во тимот.

Неговата несреќа, ривалството со Џејмс Хант и враќањето во болидот беа основа за филмот "Rush" од 2013 година, кој ја доближи неговата приказна до пошироката публика. И покрај лузните кои несреќата му ги остави на лицето, Лауда никогаш не ги криеше – ги носеше со гордост. Неговиот карактер, техничка брилијантност и непоколеблива одлучност го направија една од најпочитуваните личности во историјата на „Formula 1“.