Динамо го дочекува последното коло во хрватското фудбалско првенство со теоретски шанси да стигне до нова титула, но епилогот во битката со Хајдук и Ријека нема да има влијание врз иднината на Стефан Ристовски.
Искусниот македонски интернационалец ќе го напушти Динамо и според хрватските медиуми тоа е веќе јасна и донесена одлука, која ќе биде потврдена од понеделник со дефинитивното заминување на 33-годишниот фудбалер.
Ристовски беше еден од најважните играчи на Динамо последните сезони и еден од заслужните за освоените титули и солидните настапи во Европа, но не ја прифатил понудата за продолжување на соработката.
Медиумите тврдат дека Ристовски не бил задоволен од променетите финансиски услови и поради тоа двете страни решиле дека е најдобро да ја завршат соработката. Засега не е јасно каде Ристовски планира да ја продолжи кариерата, а на тој случај работи неговиот агент Матеј Шкегро.
Новиот спортски директор Звонимир Бобан сигурно ќе иницира и други промени во составот кој ќе биде реконструиран, а можно е уште ова лето од „Максимир“ да замине и нашиот втор интернационалец, Аријан Адеми.