Ќе го дочека ли некој тоа?: Возраста за пензионирање во оваа земја ќе биде 70 години

Точка

23/05/2025

17:13

1.922

Големина на фонт

а а а

Контроверзната одлука се темели на политика утврдена со Спогодбата за социјална заштита од 2006 година, која ја поврзува старосната граница за пензионирање со зголемениот животен век.

Данскиот парламент усвои контроверзен закон со кој старосната граница за пензионирање до 2040 година ќе се зголеми на 70 години, што ќе ја направи највисока во Европа, јавува "Anadolu".

Вкупно 102 пратеници гласаа на третото читање на законот во четвртокот – 81 „за“, 21 „против“, информира данскиот јавен сервис "DR".

Новиот закон ќе се применува за сите лица родени по 1 јануари 1971 година.


Мерката произлегува од долгорочна политика дефинирана со Спогодбата за социјална заштита од 2006 година, која предвидува усогласување на старосната граница за пензија со продолжениот животен век.

Според овој модел, границата за пензионирање ќе се зголеми на 68 години во 2030 година, потоа на 69 во 2035 година, а во 2040 година ќе достигне 70 години.

Иако законот доби поддршка од мнозинството пратеници, тој беше остро критикуван од работници, синдикати, па дури и од поединци внатре во владејачката Социјалдемократска партија.


Неколку градоначалници од Социјалдемократската партија ја повикаа премиерката Мете Фредериксен да го стопира натамошното зголемување на старосната граница за пензија.

„Сметам дека 70 години е максималната граница. Понатаму не треба да се зголемува – напротив, треба да размислиме за нејзино намалување“, изјави градоначалникот на Хорсенс, Петер Соренсен.


Фредериксен претходно најави дека ова ќе биде последен пат кога нејзината партија ќе поддржи зголемување на границата, но не ја исклучи можноста за идни приспособувања.

Според индексот за подобар живот на "ОЕЦД", просечниот очекуван животен век во Данска изнесува 81,5 години.