„Мајски цвет“ ќе се урива, на нејзино место ќе се гради нова и модерна градинка

Макфакс

23/05/2025

15:52

520

Големина на фонт

а а а

Градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1 ќе се урне и на нејзино место ќе се изгради целосно нов и модерно уреден објект со поголем капацитет, најави денеска градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски.

– Општина Карпош изработи комплетен проект со сите фази, за уривање на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, а изградба на нова градинка која ќе биде поголема и ќе има повеќе занимални. Тендерот се отвора на 27 мај, очекуваме дека ќе има интерес од повеќе фирми. За оваа работа имаме издвоено преку Совет на општина Карпош 111 милиони денари и ако започнеме некаде 15-20 јуни, очекуваме целата работа да ја завршиме до 1 декември, рече Јакимовски.

Објави дека објектот ќе биде енергетски ефикасен и модерен, за разлика од сегашниот кој е граден некаде после земјотресот.

– За нас е многу важно што во овој нов објект ќе имаме можност да згрижиме што е можно повеќе наши најмлади жители, но во исто време ќе биде енергетски ефикасен и ќе биде многу безбедносно посигурен од аспект на запаливост, пожар и ткн…, имајќи предвид дека овој објект е граден некаде после земјотресот и истиве делови од него се барака. За нас е многу битно што објектот ќе биде на едно ниво, затоа што урбанистичкиот план не дозволува да има повисоко ниво од ова што го има сега, изјави Јакимовски.

Првиот човек на општината најави дека по изградбата на оваа градинка, ќе почне изградба на уште еден нов објект и тоа за градинката Пролет.

– Во условите за тендерот ние ставивме дека градежната фирма мора да планира дека ќе работат во две смени. Значи изведбата на објектот треба да биде во две смени. Децата кои ја посетуваат оваа градинка дел ќе бидат префрлени во други објекти од „Мајски цвет“, а дел по нашето преселување во општинската зграда, оние фамозни бараки од општина Карпош ќе бидат пренаменети. Потоа очекувам да ја урнеме градинката Пролет кај Канела, и да изградиме нова градина во Козле, најави градоначалникот на општина Карпош.