Ферарито со кое возеше Михаел Шумахер е продадено на аукција во Монако за речиси 16 милиони евра. Аукциската куќа "RM Sotheby’s" соопшти дека конечната цена со вклучени даноци изнесувала 15,98 милиони евра, а ја понудил еден од гостите во ВИП-зоната на хиподромот.
Со овој автомобил, светскиот шампион ја освои Големата награда на Монако во 2001 година. Аукцијата се одржа за време на тркачкиот викенд во кнежевството, јави германската новинска агенција "DPA".
Почетната цена на автомобилот била осум милиони евра, објави "New York Times". Аукцијата се одвивала во живо и по телефон.
Станува збор за највисоката сума досега платена за болид од Формула 1 од марката Ферари на аукција, се наведува во извештајот.
Инаку, апсолутниот рекорд сè уште го држи „Мерцедес W196“, со кој во педесеттите години на минатиот век возеле легендарните Хуан Мануел Фанџо и Стерлинг Мос. Тој болид годинава беше продаден за околу 46 милиони евра.