Австриската инфлуенсерка и ријалити-ѕвезда Ванеса Марипоса (32) се огласи на „Инстаграм“ за да раскаже едно страшно искуство што ѝ се случило додека била на Мајорка, Шпанија. Таа вели дека била дрогирана и ограбена на забава.
„Сакам да споделам нешто сериозно со вас, нешто што ми се случи неодамна и што секоја жена треба да го чуе“, напиша таа во описот на своето видео, пренесува „Њујорк пост“.
Откако испила три чаши вино на забава, ѝ се слошило. Со неа била нејзина пријателка. „Одеднаш двете се почувствувавме навистина, навистина лошо и веднаш сфатив дека нешто не е во ред со мене“, вели Ванеса, која има повеќе од 800.000 следбеници на Инстаграм.
Таа вели дека во ниту еден момент не ги оставале своите пијалоци без надзор. Ванеса тврди дека нејзе и на нејзината пријателка им ставиле дрога за силување во пијалоците, поради што повраќала и не можела да оди.
„Не можев да одам како што треба, повраќав неколку пати и целосно се онесвестив. Го изгубив сето сеќавање од таа ноќ. Тогаш знаев дека нешто навистина не е во ред. Мислев дека ќе умрам“, рече Марипоса.
Освен што била дрогирана, Марипоса рекла дека ѝ била украдена и нараквицата од Картие заедно со СИМ-картичката од нејзиниот мобилен телефон.
„И она што најмногу ме плаши е тоа што едноставно цврсто верувам дека овие пореметени луѓе што ни го направија ова имаа сосема поинакви намери за нас“, продолжи таа.
Таа додава дека, за среќа, нејзиниот партнер Лука и уште еден пријател биле во близина, почувствувале дека нешто не е во ред и ги однеле дома. Следниот ден, Марипоса и нејзината пријателка биле итно однесени во болница, каде што лекарите пронашле траги од дрога за силување во нивните системи.
„Следниот ден веднаш отидов на лекар и за да ми го прегледаат целото тело. Сè уште сум во шок од тоа што се случи“, рече таа. Инфлуенсерката додаде дека сакала да сподели што ѝ се случило за да ги предупреди другите жени и да ги повика да бидат внимателни.
„Го споделувам ова затоа што сакам секоја жена да биде на штрек. Не верувајте никому. Никогаш не оставајте пијалок без надзор. Нешто многу полошо можеше да ни се случи таа ноќ. Ве молам сфатете го ова сериозно. Само сум благодарна што имавме толку среќа во овој кошмар што не ни се случи ништо физичко“, додаде Марипоса.