Додик: Нова рамнотежа на моќ во светот, Западот не може да наметнува правила

Макфакс

28/05/2025

12:23

277

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Република Српска Милорад Додик денес во Москва изјави дека, според него, се создава нова рамнотежа на моќ во светот и дека колективниот Запад повеќе не може да ги наметнува своите правила.

„Денес е очигледно дека колективниот Запад повеќе нема сила да ги наметнува своите правила“, рече Додик во обраќањето на Меѓународната конференција на високи претставници за безбедносни прашања во Москва, пренесува Срна.

Тој додаде дека од падот на Берлинскиот ѕид, Западот го присвоил принципот на безбедност само за себе.

„Тие не ја почитувале безбедноста на остатокот од светот и дејствувале само според своите принципи. Сепак, денес тие повеќе не се клучен фактор во светот“, рече Додик.

Тој истакна дека сега земјите од БРИКС почнале да создаваат рамнотежа и дека се создава нов безбедносен систем.

Тој изјави дека земјите од БРИКС го почитуваат суверенитетот на сите земји без оглед на нивната големина.

Во своето обраќање, Додик потсети дека Србите во Република Српска преживеале две бомбардирања на НАТО и дека последиците се присутни и денес.

„НАТО користел осиромашен ураниум и затоа денес децата на нашите простори се раѓаат со сериозни болести“, рече претседателот на Република Српска.

Тој, исто така, во Москва изјави дека Русија, која е водечка земја, се штити себеси и меѓународното право со специјална воена операција и се бори против системот што се наметнува.

Во своето обраќање на Меѓународната конференција на високи претставници за безбедносни прашања, Додик истакна дека без еднаква безбедност за сите, не може да има меѓународно право, и дека во спротивно светот се движи кон хаос.

„Со специјална воена операција, Русија не само што го намалува проширувањето на НАТО, туку и создава слободен свет“, рече Додик, кој беше првиот странски функционер што зборуваше на овој состанок, пренесува Срна.

Додик изјави дека победата на Доналд Трамп на изборите во САД ќе придонесе за избалансиран светски поредок, како и дека Република Српска ја поддржува и цени политиката на Кина да не се меша во работите на други земји.

Во Москва е во тек Меѓународната конференција на високи претставници за безбедносни прашања, на која учествуваат претставници од повеќе од 100 земји.