Напуштениот туристички комплекс во Купари, некогаш познат како „Монако на југословенската ривиера“, наскоро би можел да добие нов живот.
По појавувањето во филм со Кејт Винслет и популарното видео на Јутјуб ѕвездата "MrBeast", започна уривањето на еден од уништените хотели во најубавиот залив крај Дубровник, пишува "City Magazine".
За Купари, еден од најубавите туристички комплекси од поранешна Југославија, неодамна пишуваше и британскиот "Guardian".
Сместен покрај спектакуларна плажа, комплексот бил изграден во 1960-тите години како ексклузивно летувалиште за воените функционери на СФРЈ, по наредба на Јосип Броз Тито.
Највисоките офицери уживале во приватни вили, додека офицерите со понизок чин можеле да изберат сместување во еден од шесте луксузни хотели. Војниците биле сместени во камп опкружен со палми и бујна вегетација.
Тито бил толку фасциниран од Купари што во близина дал да се изградат две приватни вили со поглед кон морето – за него и неговата сопруга Јованка. Во тие резиденции угостил бројни светски ѕвезди, меѓу кои Ричард Бартон и Елизабет Тејлор.
Бетонски костури прекриени со графити
Но, секоја приказна има крај. Почетокот на 1990-тите, во времето на распадот на Југославија и војната за независност на Хрватска, му донесе сериозно гранатирање на комплексот. Од симбол на луксуз и моќ, денес останале само бетонски костури – прекриени со графити и урнати конструкции.
Според хрватските медиуми, уривањето и официјално започна, а локалната заедница се надева дека по три децении запустеност, комплексот конечно ќе биде обновен.
Според "Guardian", станува збор за проект вреден 150 милиони евра. Архитектонското биро "3LHD" веќе на својата веб-страница објави визуализации од идниот туристички комплекс. Обновата сега ја води конзорциум со седиште во Сингапур, во соработка со хотелскиот бренд "Four Seasons".
„Заливот на напуштените хотели“
Руините на Купари во последните години станаа вистинска атракција за авантуристички туристи. Истражуваа напуштени хотелски соби, кампуваа по ходниците со прашина и водеа блогови за „заливот на напуштените хотели“.
Локацијата привлече и светски филмски екипи – во 2022 година во Купари се снимаше биографскиот филм "Lee", во кој Кејт Винслет ја глуми воената фотографка Ли Милер. Комплексот послужи како сценографија за Нормандија во 1945 година. Уште поголемо внимание привлече видеото на познатиот Јутјубер "MrBeast" – „Преживеав 7 дена во напуштен град“, објавено во март минатата година и снимено токму во Купари.
Новиот проект предвидува изградба на луксузен хотел со 220 соби, чии тераси ќе навлегуваат во дел од заливот, додека по падините на брдото ќе се изградат 32 приватни вили. Вилите ќе се продаваат на приватни сопственици, но подоцна ќе се издаваат како дел од хотелскиот комплекс.