Цената на "iPhone" може да достигне над 3.500 долари?

Точка

28/05/2025

12:35

726

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп реши да го врати производството во САД, а посебен акцент стави на компанијата "Apple" и производството на "iPhone". Но, колку би чинел "iPhone" доколку целосно се произведува во Америка?

Со новата најава за воведување дополнителни царини, Трамп повторно ги наруши плановите на компанијата "Apple". По претходните „закани“ од Трамп, компанијата изготви стратегија според која производството на "iPhone" ќе се префрли од Кина во Индија. Почетната цел е најголемиот дел од процесот да се одвива во Индија – земја која сè уште нема високи царини за извоз кон САД. Овој потег на "Apple" е одговор на глобалните економски и трговски промени. Сепак, Трамп не е задоволен. Тој не сака само налепницата „Made in USA“, туку и вистинско производство во САД. Тоа сега го нагласи јасно и директно.


Од "Apple" порачуваат дека производството во Америка е „невозможна мисија“, а со тоа се согласуваат и пазарните аналитичари. Тие проценуваат дека цената на "iPhone" би била најмалку трипати повисока од сегашната цена од околу 1.000 долари, доколку се произведува во САД. Според нив, тоа би значело цена од над 3.500 долари по уред. Дополнително, пренесувањето на целиот производствен екосистем од Азија во САД би ја чинело "Apple" околу 30 милијарди долари, а во најдобар случај, само 10% од производството би се префрлило во рок од три години.


"Apple" веќе неколку децении ги склопува компонентите на своите паметни телефони во Азија. Во исто време, американските компании се фокусираа на софтверскиот развој и дизајн – делови од процесот кои носат поголеми профити. Производството беше изнесено во Азија токму со таа цел: зголемена рентабилност. Но, Трамповата политика се обидува да стави крај на таа пракса.

Од кога Трамп ја презеде функцијата, вредноста на акциите на "Apple" падна за 14%, како резултат на влијанието што трговските царини го имаат врз бизнисот на технолошкиот гигант.


Сето ова упатува на едно – ако "Apple" мора да произведува во Америка, тогаш цената на "iPhone" значително ќе порасне, без разлика дали поради повисоки трошоци за производство или поради обидот да се исполнат „наредбите на главниот шериф“.