Дијагностицирање на Алцхајмерова болест наскоро ќе се врши врз основа на крвна анализа

Точка

28/05/2025

18:57

436

Големина на фонт

а а а

Кон средината на мај, Американската агенција за храна и лекови (FDA) дала зелено светло за првиот тест базиран на анализа на крв за дијагностицирање на Алцхајмерова болест, ветувачка технологија која наскоро би можела да стигне и во Европа.

Алцхајмеровата болест е најчестата форма на деменција, која се влошува со текот на времето, постепено лишувајќи ги заболените од нивната меморија и независност.

Според Фондацијата за победа над Алцхајмеровата болест, 17 отсто од луѓето над 75 години боледуваат од оваа болест.


Иако болеста се јавува кај стотици илјади пациенти, само половина се дијагностицираат правилно.

Тестот, развиен од јапонската компанија „Fujirebio Diagnostics“, го мери присуството на бета амилоид и тау протеини во крвта, кои се карактеристични за Алцхајмеровата болест.

Поради многу малите количини на овие протеини, досега беше тешко да се детектираат во крвта.

Позитивниот тест не значи автоматски дека лицето е болно.

„Ова е дијагностички тест, а не скрининг“, објасни за „BFM TV“ професорот Филип Амује, генерален директор на Фондацијата за Алцхајмерова болест.

Додека скринингот го открива присуството на болеста во рана фаза кај луѓе кои изгледаат здрави, тестот на „Fujirebio“ е наменет за пациенти кои веќе имаат симптоми и мора да биде потврден со дополнителни клинички податоци, како што се неврокогнитивни тестови.


„Протеините што ги бараме се наоѓаат во големи количини кај пациенти со Алцхајмерова болест, но се појавуваат и во помали количини кај луѓе кои немаат болест. Бидејќи тестот е многу чувствителен, болеста може да биде погрешно дијагностицирана“, додаде тој.

Денес, дијагнозата на Алцхајмеровата болест се поставува врз основа на невропсихолошки тестови, магнетна резонанца, позитронска емисиона томографија (ПЕТ скенирање), која ја мери метаболичката активност.

Лекарите исто така можат да земат примерок од цереброспинална течност (лумбална пункција) и да мерат протеини кои се присутни во големи количини во мозокот на пациенти со Алцхајмерова болест.