Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, реагира на нефункционалноста на државниот систем, укажувајќи на сериозните проблеми со кои се соочува локалната самоуправа во обезбедување на основни услуги за граѓаните.
„Морам да ја информирам јавноста за големите потешкотии со кои секојдневно се соочуваме во Карпош, како резултат на нефункционалниот државен апарат. Имаме апсурдна ситуација, од две градинки да правиме една, бидејќи нема персонал. И покрај тоа што градинките ни се полни, родителите ако сакаат да плаќаат, ние да сакаме да вработим, не можеме. Веќе една година Владата не успева да реши основно прашање: издавање лиценци за негувателки и воспитувачки. Без лиценци – нема вработувања, иако парите се предвидени во државниот буџет“, посочи Јакимовски.
Тој истакна дека во градинката „Орце Николов“ минатата година заминале осум вработени: негувателки, воспитувачки и технички персонал и за ниту едно место не е добиено одобрение за вработување. Слична е состојбата и во градинките „Распеана младост“ и „Пролет“, каде во пензија заминале повеќе негувателки и воспитувачки, но за ниту едно место нема добиено дозвола за нови вработувања.
„Министерството за финансии на 3 декември ни одобри пет вработувања со важност до 31 декември, а Министерството за труд и социјална политика ни ги достави одобренијата дури на 3 февруари. Ете така функционира системот во кој живееме, нефункционален и партизиран. Истите барања повторно ги поднесовме, пак сме одбиени, иако средствата се веќе одобрени во буџетот на државата“, нагласи градоначалникот на Карпош.
Јакимовски исто така реагира на одлуката на Министерството за образование да ѝ одземе на општината 16 милиони денари за образованието, како и на фактот дека Министерството за транспорт и врски ги држи заглавени три важни урбанистички планови.
„Немаат одобрување, сè стои“, додаде тој.
Особено загрижувачки, како шрто рече, е барањето на Министерството за внатрешни работи, кое доставило допис до Општина Карпош да достави цела легализациска документација за објектите на потегот од „АБЦ“ клубот до раскрсницата со булеварот „8-ми Септември“.
„Јавно го прашувам министерот, дали вакво писмо сте испратиле и до Чаир? Или можеби до Аеродром?“, праша Јакимовски.
Тој укажа и на апсурдната ситуација што на седница на Генералниот секретаријат на Владата, како точка на дневен ред, се разгледува предлог-одземање на спортската сала „Партизан 4“ од локалната самоуправа на Карпош, иако општината вложила средства во нејзиното одржување.
„Прво ни ги земаа бараките, сега сакаат и спортската сала. Во Карпош не дозволуваат да се вработи ниту еден човек во градинките, каде имаме зголемен наталитет. Додека ние се бориме за подобри услови, централната власт не прави ништо“, рече Јакимовски.
Тој заклучи дека државата не може да ја водат луѓе кои создаваат проблеми наместо решенија. „Имаме нефункционален систем кој ја разединува државата. Никакви реформи нема, особено во урбанизмот. Целата ‘реформа’ се сведува на тоа да се оневозможи граѓаните да знаат дека нивниот сосед гради“, порача Јакимовски.
Градоначалникот на Карпош предупреди и за проблемите со инклузијата во образованието: „Можно ли е во едно училиште да имаме 25 деца со лесни, умерени и тешки пречки во развојот, плус деца што не се категоризирани, а да нема дефектолог?“.
Јакимовски упати прашања до централната власт: „Чувствува ли одговорност за состојбата во град Скопје? За хаосот во јавниот превоз? За полните контејнери и нехигиената? Оваа власт нема појма како се води држава. Таму каде што поднесуваме жалби, чекаме одговори со месеци. Јас ова го зборувам затоа што во мој Карпош, никој не чека за услуга од општината“, истакна Јакимовски.