Соединетите Американски Држави го забрзаа постепеното повлекување од две клучни воени бази во источна Сирија, вклучувајќи ја и најголемата американска база во таа земја, потврди Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR).
Рами Абдулрахман, директор на „SOHR“, за „The New Region“ изјави дека „во последните часови американските сили спровеле ненадејно повлекување од две важни воени бази во источната покраина Деир ез-Зор“. Станува збор за базата на нафтеното поле Ал-Омар, најголемата американска воена локација во Сирија и фабриката за преработка на гас Коноко. Двете локации моментално се под контрола на курдските Сириски демократски сили (SDF).
„Повлекувањето започна постепено на 18 мај, но нагло се забрза во последните денови. Конвои со американски оклопни возила и логистичка опрема ги напуштија базите поради зголемените прелети на авионите на меѓународната коалиција“, рече Абдулрахман, додавајќи дека специјалните сили на СДФ се распоредени на испразнетите локации.
Американски бази во Сирија
Во последните години базите беа честа цел на напади од страна на милициите поддржани од Иран, а нивното напуштање предизвика загриженост за можна појава на вакуум во моќта во регионот, особено во време на нарушена безбедносна рамнотежа.
САД, заедно со меѓународната коалиција, одиграа клучна улога во поразот на таканаречената Исламска држава (ИСИС) во Сирија, во тесна соработка со СДФ и останаа клучен сојузник на курдските сили дури и по завршувањето на големите конфликти. На почетокот од 2025 година, Вашингтон посредуваше во примирје меѓу силите поддржани од Турција и СДФ.
Но и покрај повлекувањето, американските сили остануваат присутни во базата Шадади, јужно од Хасака, каде што ќе ја продолжат воената соработка со СДФ во безбедносните операции против остатоците од ИСИС.
Исто така, важно е да се спомене дека уште во 2012 година САД ги прекинаа дипломатските односи со Сирија поради граѓанската војна, но во последните месеци, по падот на режимот на Башар ал-Асад, ги започнаа своите први контакти со новата влада во Дамаск.