Маск: Конгресот ја води Америка кон банкрот

Макфакс

04/06/2025

08:58

387

Големина на фонт

а а а

Милијардерот Илон Маск, до неодамна близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, го нарече Предлог-законот за буџет што го заговараше Трамп „одвратна гнасотија“.

„Жал ми е, но не можам повеќе да го поднесам тоа“, напиша на X најбогатиот човек во светот, чија соработка со Трамп штотуку заврши, и додаде: „Овој огромен, скандалозен и клиентелистички предлог-закон за буџет е одвратна гнасотија. Срам да им е на оние што гласаа за него: знаете дека грешевте. Го знаете тоа.“

Во следниот пост, Маск додаде: „Конгресот ја води Америка кон банкрот.“

Во неговите последователни објави, тој даде образложение за своето мислење, сугерирајќи дека намалувањето на трошоците и даноците предложени во предлог-законот ќе го зголеми националниот долг на Америка.

„Ова масовно ќе го зголеми веќе гигантскиот буџетски дефицит на 2,5 трилиони долари и ќе ги оптовари американските граѓани со катастрофално неодржлив долг“, изјави тој.

Предлог-законот ќе ги продолжи даночните олеснувања воспоставени во 2017 година за време на првиот мандат на Трамп и ќе насочи повеќе средства кон приоритетите на неговата администрација, вклучително и 46,5 милијарди долари за изградба на бариери на границата на САД со Мексико.

Сепак, за да се постигнат овие цели, истакнуваат критичарите, законот ќе ја зголеми горната граница на националниот долг. Исто така, ќе го ограничи пристапот до програмите за социјално осигурување како што се Медикејд и Програмата за дополнителна помош за исхрана (SNAP), колоквијално познати како купони за храна.

Канцеларијата за буџет на Конгресот, непартиска канцеларија која обезбедува истражувања за Конгресот, проценува дека законот ќе резултира со намалување на субвенциите од Медикејд за 698 милијарди долари и 267 милијарди долари помалку финансирање за SNAP.

Овие компромиси предизвикаа загриженост кај двете страни на алијансата, при што демократите и некои републиканци изразија страв дека нивните избирачи би можеле да го изгубат пристапот до витални владини услуги.