Продажбата на нови патнички автомобили во Русија во мај годинава опаднала за 28,3 отсто во споредба со истиот период минатата година, објави денес аналитичката агенција „Автостат“.
Според објавените податоци, во петтиот месец од 2025 година во Русија се продадени 91.218 нови патнички автомобили, пренесе "ТАСС". Најбаран бил домашниот бренд "Лада", со 25.552 продадени возила, што претставува најголем удел на пазарот – 28 отсто од вкупната продажба на крајот на мај.
Од странските производители, најголема побарувачка имало за кинеските автомобили "Haval" (10.600 продадени возила) и "Chery" (9.800). И брендовите "Geely" и "Changan" се најдоа меѓу петте најатрактивни марки во Русија, со продажба од 6.300, односно 5.600 возила.
Кога веќе зборуваме за "Лада", неодамна во продажните салони пристигна новата "Lada Niva Sport", со почетна цена од нешто под 18.000 евра. Овој мал, ново-стар теренец доби бројни унапредувања во спортската верзија, а најзначајното е зголемувањето на силата на моторот.
Наместо стариот 1.7-литарски мотор, сега под хаубата работи нов 1.6-литарски четирицилиндарски мотор со 16 вентили, кој развива 122 коњски сили.
Вистина, тоа сè уште не е многу. Но, ако се земе предвид дека претходниот мотор имал само 83 коњски сили, ова претставува значителен напредок. Сепак, автомобилот и понатаму има потреба од речиси 12 секунди за да достигне 100 км/ч.
Но, тоа не е сè што нуди спортската верзија. Силата се пренесува преку унапреден петстепен мануелен менувач, иако "AutoVAZ", матичната компанија на "Лада", не открива точно во што се состојат подобрувањата.
Визуелно, "Niva Sport" има нов преден браник со тесни дневни светла, како и нови 17-инчни алуминиумски фелни. И понатаму користи постојан погон на сите четири тркала, со редуктор за потешки терени. Има и нешто поголем клиренс во споредба со стандардната "Нива".
Во внатрешноста, работите веќе не изгледаат така застарено. "Niva Sport" презема дел од современата опрема од моделот "Niva Legend", како што се грејни предни седишта, електроподесливи ретровизори и клима-уред. Спортските детали вклучуваат специјални навлаки за седиштата и спортски волан.
ж
ж
ж