Македонската фудбалска репрезентација максимално профитираше од голот на Александар Трајковски и направи истиот да биде доволен за победа во Астана, без оглед на фактот што нашиот национален тим одигра доста поскромно второ полувреме, во кое се предодреди да го брани водството.
Погодокот на досегашниот напаѓач на Хајдук ја одведе Македонија на првото место во групата за пласман Светско првенство, а тоа остана така и по вечерашниот меч кој го одиграа Белгија и Велс со резултат 4:3.
Избраниците на Благоја Милевски ја запишаа втората победа во квалификациите за фудбалскиот мундијал и покажаа дека се сериозни во намерата да испишат историја, па додека Македонците слават, домаќините на вчерашниот меч во Астана жалеа за пропуштените шанси, но и за неиграњето на двајца офанзивни фудбалери.
– Имаше голема дупка меѓу напаѓачот Самородов и дефанзивните играчи од средниот ред, што значеше дека нашиот колективен пресинг не функционираше како што треба. Исто така, од полза не ни одеше и тоа што откажаа двајца важни играчи. Недостасуваа головите на Бахтјор Заинутдинов, но и инстиктот за гол на Абат Аимбетов, – изјавил селекторот Али Алиев пред домашните новинари во Казахстан.
– Македонија не направи ништо преку средината, ги бараше своите шанси од втори топки, користејќи ги Миовски кој игра за Жирона, како и Трајковски и Елмас. Тешко е да се натпреварувате со такви играчи, – додал Алиев, кој сепак посебно се задржал на стрелецот Алекс Трајковски.
– Македонците имаа еден добар момент и го искористија на вистински начин. Тоа е Трајковски, знаете за кој тим игра и во која лига игра. Ако не знаете, отворете Трансфермаркт и погледнете ја неговата статистика и фудбалскиот пат. Неговиот пат е поплочен со класа и квалитет, – завршил Алиев.