Од играње футсал за забава на 16 години во родниот Штип и гледање финале во Лигата на шампионите како навивач на Реал Мадрид, до настап во истата Лига на шампиони и статус на прв стрелец на македонската репрезентација – кариерниот пат на Бојан Миовски звучи како филмско сценарио. Но, напаѓачот на Џирона со број 19 оваа сезона навистина оствари неколку соништа – и покрај предизвиците во дебитантската година во Шпанија.
„Многу мои соништа се остварија оваа сезона, иако не на начинот на кој се надевав – бидејќи промашив пенал на моето деби во Лигата на шампионите“, изјави Миовски ексклузивно за "RG". „Но тоа само ми даде дополнителна мотивација. Поминав низ многу потешки моменти во кариерата. Играњето во ЛШ и во една од петте најсилни лиги е сон на секој фудбалер. А јас на 16 години играв футсал со другарите … ако тогаш некој ми речеше дека десет години подоцна ќе играм во Ла Лига и во Лигата на шампионите, искрено, немаше да му поверувам. Но, трудот секогаш се исплатува.“
Миовски стана најскапиот трансфер во историјата на Абердин, откако минатото лето премина во Џирона, по 44 голови на 98 настапи. Но, 25-годишниот напаѓач не успеа веднаш да се наметне во шпанската Примера. Џирона ја почна сезоната во ЛШ, а ја заврши на 16. место – само поен над зоната за испаѓање.
Година на промени и предизвици
Една од главните причини за слабата форма на Миовски беше пропуштената целосна подготовка, бидејќи преговорите за неговиот трансфер траеја подолго од очекуваното:
„Не знаев каде ќе продолжам, но сигурно беше дека ќе заминам од Абердин. Почнав подготовки со нив, но не играв контролни натпревари – никој не сакаше да се повредам. Не очекував дека преговорите ќе се влечат толку долго, а тоа ме фати физички неспремен. Потпишав по второто коло во Ла Лига, па веднаш потоа дојде репрезентативната пауза. Немав време да се адаптирам или да ги запознаам соиграчите, што дополнително ја отежна ситуацијата.“
Откако беше вклучен во „Тимот на сезоната“ во Шкотска (2023/24), Миовски беше на мета на неколку европски клубови, меѓу кои и Селтик. Но, тој го избра проектот на Џирона.
„Секогаш го бирам клубот според стилот на игра, а не според финансиската понуда. Џирона минатата сезона играше напаѓачки фудбал, и како напаѓач, сакав тим кој создава барем 6-7 шанси по меч. За жал, оваа сезона беше спротивно – многу повреди, бавна игра, малку центаршутеви и тешко создавање шанси. Затоа ја сметам сезоната за неуспешна – колективно. Иако обезбедивме опстанок, со овој состав можевме многу повеќе.“
Миовски ја заврши сезоната со само четири гола на 22 настапи – најслаб ефект од сезоната 2019/20. Но, самодовербата му останува непоколеблива.
„Никогаш не сум имал проблем со самодоверба. Без тоа не можеш да стигнеш на ова ниво. Дури и кога не играв редовно во Првата македонска лига и ги гледав мечевите од трибини, верував дека моето време ќе дојде. Критиките се нормален дел од фудбалот – ако играте слабо, ве критикуваат, ако играте добро, ве фалат.“
Изненадувачки, по репрезентативната пауза во март, Миовски одигра само 20 минути до крајот на сезоната. Дали некој му објасни зошто?
„Не, и искрено, очекував да играм повеќе. Бев во одлична форма – дадов два гола и една асистенција за Македонија, бев полн со самодоверба. Прескокнав само еден меч против Барселона поради мала повреда, но после тоа бев целосно здрав и спремен. Сепак, тренерот одлучува кој ќе игра. Јас дадов сè од себе на тренинзи, а имам и добар однос со Мичел.“
Икона во Абердин
Кога ќе се спомне Абердин, Миовски веднаш се насмевнува. Со бројот 9 на грбот, тој се етаблираше како миленик на навивачите на Питодри, а паралелно стана и стандарден во македонската репрезентација.
„Абердин остави голем белег во мојата кариера. Многу моменти ми недостасуваат. Мојот однос кон дресот и желбата секогаш да дадам гол и да победиме – тоа ги поврза навивачите со мене. Нивната поддршка беше неверојатна. И денес добивам пораки од нив – тоа ме прави среќен.“
Додека Миовски го следеше финалето на Шкотскиот куп како гледач, Абердин ја освои титулата по првпат од 1990 година.
„Секој фудбалер сака трофеи. Жал ми е што не успеав да го направам тоа за време на мојот престој таму. Но, искрено се радувам што клубот конечно го освои Купот, посебно за соиграчите кои беа со мене во финалето на Лига Купот 2023/24.“
Иако замина, не ја исклучува можноста еден ден да се врати во клубот.
„Мојата кариера сигурно ќе трае уште 10 години. Не можам да ја предвидам иднината, но не ја исклучувам опцијата да се вратам во Абердин. Се чувствував одлично таму, клубот ме ценеше, и ако се вратам, целта ми е јасна – да освојам трофеј и да влезам во историјата.“
Што следува?
Со отворањето на летниот преоден рок, шпекулациите околу иднината на Миовски растат. Но, тој останува фокусиран на тоа да се врати посилен.
„Целта ми е да дадам што повеќе голови наредната сезона и да му помогнам на тимот. Потпишав долгорочен договор, но не знам што ќе донесе летото. Клубот ме гледа како проект за развој, имам уште три години договор, но сè е отворено – дали ќе останам или ќе заминам, зависи од клубот“, заврши Миовски.