"Rolls-Royce" во проблеми: "Huawei Maextro S800" нуди луксуз по значително пониска цена

Точка

10/06/2025

23:02

1.107

Големина на фонт

а а а

Основниот модел започнува од 708.000 јуани, односно околу 98.600 долари.

Луксузот по пристапна цена веќе не е контрадикција – барем не во Кина, каде домашните производители сè поуспешно им се закануваат на европските гиганти.

Најнов пример за тоа е "Maextro S800", врвна луксузна лимузина што ги спојува дизајнерските елементи на брендовите "Mercedes-Maybach" и "Rolls-Royce", но по многу подостапна цена.

Станува збор за заеднички проект на "JAC" и "Huawei", кој веќе предизвикува голем интерес на кинескиот пазар.

Со стил што силно потсетува на европските луксузни модели, "S800" изгледа како автомобил со шестцифрена цена – и очигледно ја исполнува таа амбиција. Во првата недела по лансирањето пристигнале 3.600 нарачки, од кои 1.600 за само 24 часа, а следниот ден бројот се искачил на 2.100.


Клучна предност – цената

Основната верзија чини 708.000 јуани (околу 98.600 долари), додека најскапата варијанта достигнува 1.018.000 јуани (околу 141.600 долари).

Иако тоа сè уште е висока цена, таа е далеку пониска од онаа на "Mercedes-Maybach S"-класа, кој започнува од 1.468.000 јуани (204.600 долари), без дополнителна опрема.

Во споредба со "Rolls-Royce", разликата е уште поочигледна: моделот "Ghost" стартува од околу 4,2 милиони јуани (приближно 585.000 долари), со што "S800" припаѓа во сосема поинаков ценовен сегмент.

Кинеските купувачи добиваат многу за своите пари – "S800" е голем автомобил, со должина од 5.480 мм, ширина 2.000 мм, висина 1.536 мм и меѓуоскино растојание од 3.370 мм, што е споредливо со S-класата.

Но, за разлика од релативно дискретниот дизајн на "Mercedes", "S800" остава многу повпечатлив, луксузен впечаток на патот.


Технолошки и луксузен ентериер

Внатрешноста вклучува дигитална инструмент табла, централен 15,6-инчен инфотејнмент екран и уште еден 16-инчен екран за совозачот.

Исто така, тука е и широк "head-up" дисплеј, две безжични полначи за телефони и аудио-систем со дури 43 звучници, пренесува "Autohome".

"Maextro" го нуди S800 како четирисед со капетански седишта одзади, или како класичен петосед.


Повеќе погонски опции – до 852 коњски сили

"S800" доаѓа како целосно електричен модел или како верзија со продолжен домет (EREV).

Електричниот модел има батерија од 95 kWh и два мотора со комбинирана сила од 523 коњски сили.

Верзијата со продолжен домет користи 1.5-литарски бензински мотор, кој служи исклучиво како генератор, во комбинација со батерија од 65 kWh и истиот електричен погон.

За оние што сакаат екстремни перформанси, достапна е и три-моторна "EREV" верзија со импресивни 852 коњски сили.