Според податоците на Сојузниот завод за статистика, во Германија во 2024 година, редовно биле вработени 1,1 милион лица постари од 67 години.
Тоа е 51.000 повеќе отколку една година претходно и воедно најголемиот број забележан досега.
Од пред 20 години до сега, бројот на вработени меѓу луѓето во пензионерски години, речиси да се зголемил двојно.
Тогаш биле вработени само 288.000 лица постари од 67 години, иако вкупниот број на пензионери тогаш изнесувал 19,6 милиони, што е помалку отколку денес, кога има 21,4 милиони. Тоа значи дека четвртина од жителите на Германија ги сочинуваат пензионери, пишува „Дојче Веле“.
Инаку, законски пропишаната старосна граница за одење во пензија во 2004 година изнесувала 65 години.
Генералниот секретар Карстен Линеман, предизвикал полемика кога во едно интервју алудирал на тоа дека граѓаните на Германија се мрзеливи, а особено тоа, според него, се однесувало на пензионерите.
„За зачувување на благосостојбата потребно е да се зголеми бројот на пензионери кои работат, а за да се постигне тоа, треба да се воведе поттик за вработување на пензионерите“, изјавил Линеман.
Една од идеите предвидувала вработените пензионери да бидат ослободени од данок на плата до износ од 2000 евра.
Сара Вагенкнехт, претседателка на партијата, му замерила на Линеман дека со своите изјави ги навредува пензионерите.
Таа кажала дека секако сите пензионери кои работат не се принудени на продолжување на работниот век од финансиски причини, некои едноставно уживаат во својата работа. Сепак, во разговор за „Штерн“, нагласила дека многу од пензионерите се принудени да работат за да преживеат.
„Зголемувањето на бројот на вработени пензионери покажува дека тие мора да работат за да ги дополнат своите бедни пензии“, изјавила таа.
Според податоците на Министерството за труд, во 2024 година просечната нето пензија за оние кои имаат најмалку 45 години работен стаж изнесувала 1.543 евра. И, тој износ е одвај доволен за да се преживее во поголем дел од градовите, каде просечната кирија за двособен стан изнесува околу 1.000 евра.