Џереми Доку деновиве стана една од главните теми на Светското фудбалско првенство, но не поради неговите потези на теренот. Дваесет и четиригодишниот белгиски репрезентативец привремено го напушти кампот на националниот тим за да биде покрај својата сопруга Ширин за време на раѓањето на нивното прво дете, синот Прејс.
Посебно внимание предизвика фактот што породувањето се случи среде Мундијалот, во период кога се играат клучните натпревари на турнирот. Доку и претходно отворено зборувал дека сака да биде покрај сопругата кога нивното дете ќе дојде на свет, без оглед на фудбалските обврски.

Неговата одлука предизвика жестока расправа во Франција, откако спортската водителка Франс Пјерон во емисијата „L’Equipe de Choc“ ја критикувала можноста тој да пропушти натпревари поради раѓањето на детето.
„Не можеш да пропуштиш Светско првенство. Имаш можност да играш на Светско првенство, стотици фудбалери би сакале да бидат на твое место. А ти ќе го оставиш сето тоа за да присуствуваш на раѓањето на детето, што е одвратен момент. Извинете, но таткото таму е бескорисен, тој е само статист“, рекла таа.
Нејзините зборови предизвикаа бројни реакции, а телевизиската куќа „L’Equipe“ набрзо се огради од коментарот, соопштувајќи дека тој е далеку од вредностите што ги застапува нивната медиумска група. Пјерон подоцна јавно се извини, а според пишувањата на странските медиуми, привремено била отстранета од програмата.
Доку и Ширин Рејмонд се заедно неколку години, а се свршиле за време на одмор во Дубаи во август 2025 година. Ширин, која е неколку години постара од фудбалерот, наводно работи во индустријата за убавина во Обединетото Кралство.
Парот често истакнува колку им е важна верата. Во септември 2025 година заедно се крстиле, а Доку тогаш на социјалните мрежи напишал дека тоа бил еден од најважните моменти во нивните животи.

Се венчале во ноември истата година, а фотографиите од свадбата ги споделил и самиот фудбалер. Само неколку месеци подоцна објавиле дека го очекуваат своето прво дете.
Доку уште пред почетокот на завршницата на првенството јасно ставил до знаење што му е приоритет.
„Ако ме прашувате мене, никој не сака да го пропушти раѓањето на своето прво дете“, им рекол на новинарите.
Сега неговата желба се остварила. Белгискиот фудбалски сојуз потврдил дека и мајката и момчето се добро и дека Доку по краткото отсуство се враќа во репрезентацијата.