Во време кога улиците ги чуваа припадници на Народната милиција, а патиштата ги крстареа препознатливите сини „стокецови“, секојдневието изгледаше сосема поинаку. Токму таа атмосфера од минатото реши да ја оживее Илија Јечменица, електроинженер од Чачак, кој целосно реставрираше вакво возило со неверојатна посветеност на деталите.
„Го најдовме стариот син ’кец‘, го средивме, хаубата и багажникот ги обоивме во бело, ставивме натпис ’милиција‘ и тргнавме во потрага по оригиналната ротација. Тоа беше ’Руди Чајавец‘ ротација, со сирени што се палат наизменично – токму како некогаш“, вели Илија за агенцијата "РИНА".
Овој необичен потфат не беше само естетски – Илија сакал автентично да го долови духот на едно време. Возилото располага и со радио-станица со снимени разговори на милицијата, а особено внимание привлекуваат регистарските таблички со буквата „М“ и црвена петокрака, идентични со оние што се појавуваат во култниот филм „Жикина династија“.
„Бројот на табличките го избравме внимателно – ист е како во сцената кога Жика и Милан го возат идентичниот стокец. Мораше сами да ги изработиме, бидејќи повеќе ги нема – дури ни по отпадите“, објаснува Јечменица.
Иако возилото е регистрирано за секојдневен сообраќај, се користи само за собири на љубители на олдтајмери, снимања филмови и промотивни настани. Реакциите на граѓаните, вели тој, се повеќе од позитивни.
„Луѓето се воодушевени, приоѓаат, се фотографираат, бараат да ја запалам сирената и ротацијата. Особено повозрасните – кај нив овој автомобил буди спомени и емоции. Тоа и беше целта – сеќавањето на едно време да се зачува и пренесе“, додава Илија.
За крај, открива дека тука не застанува – планира да ја збогати колекцијата со дополнителни оригинални елементи, што, како што вели, ќе биде вистински предизвик.
Неговиот „милициски стокец“ денес не учествува во патроли, но успешно шири носталгија и потсетува на едно заборавено време кога, барем така изгледало, сè било поедноставно и побезбедно.