Контроверзната, но исклучително успешна кариера на една од најголемите хип-хоп ѕвезди, Тупак Шакур, траеше само пет години, но неговото влијание врз светската музичка индустрија и натаму се чувствува, речиси три децении по неговата прерана смрт
Од првите настапи со групата „Диџитал андеграунд“, преку главните улоги во холивудски филмови и култниот албум „All Eyez on Me“, објавен во 1996 година и продаден во над 10 милиони примероци, Тупак остави неизбришлива трага. И по неговата смрт, албумите продолжија да се наоѓаат на врвовите на топ-листите, а документарни филмови како „Тупак: Воскресение“ од 2003 година го доближија неговиот лик до новите генерации. Иако од неговото убиство минаа 29 години, убиецот сѐ уште не е пронајден.
Тупак е роден на 16 јуни 1971 година, во Њујорк. Мајка му, Афени Шакур, членка на организацијата „Црни пантери“, била во затвор речиси целата бременост, обвинета за учество во бомбашки напади. Излегла еден месец пред раѓањето на синот, кого прво го крстила Лесане Париж Крукс, но на еднагодишна возраст му го сменила името во Тупак Амару Втори – по последниот инкански водач кој бил егзекутиран во Перу во 1781 година.
Тупак израснал без таткова фигура – биолошкиот татко, Вилијам Џеферсон Гарланд, исто така член на „Црните пантери“, немал контакт со него. Тупак тврдел дека верувал оти татко му е мртов или дека не сакал да го види. Пример добил во Мутулу Шакур, кој подоцна се оженил со мајка му. Со него ја напишал и т.н. „Кодекс на уличниот живот“, збир од правила кои повикуваат на ненасилство меѓу банди. Афени со Мутулу ја добила и ќерката Секива.
Во 1984 година се преселиле во Балтимор, каде што Тупак се запишал во уметничко училиште, учел глума, џез, балет, рецитирал поезија и настапувал во театарски претстави. Таму се спријателил со тогаш непознатата Џејда Пинкет, денес Џејда Пинкет-Смит, со која останал во блиска врска до крајот на животот.
Тој уште во младоста зборувал против сиромаштијата, расизмот, полицијата, системот што не им дава еднакви можности на младите. Сметал дека училиштата треба да ги подготват децата за вистинскиот свет, а не да ги полнат со непотребни факти. Често говорел дека „најмногу научил на улица и од мајка си“.
Во 1988 година, преселбата во Калифорнија му овозможила нов почеток. Работел во пицерија, но дал отказ бидејќи не му дозволиле да отиде на интервју за училишниот весник. Најсилен поттик добил од Лејла Штајнберг, која станала негова менторка, го прифатила во својот дом и му организирала први настапи со групата „Стрикли доуп“. Потоа го поврзала со групата „Диџитал андерграунд“, каде што започнал како танчер, но наскоро добил можност да рапува и така се роди 2Пак.
Првиот албум „2Pacalypse Now“ излезе во 1991 година и веднаш привлече внимание. Следуваа албумите „Strictly 4 My N.I.G.G.A.Z.“, „Me Against the World“ и легендарниот „All Eyez on Me“. Снимен е додека бил во затвор поради обвинение за сексуално злоставување, случај што ја засени неговата кариера.
Тупак зад себе остави бурен љубовен живот, врски со јавни личности како Мадона, Витни Хјустон и Кидада Џоунс – ќерка на Квинси Џоунс, со која живеел во последните месеци од животот. Се оженил со Киша Морис додека бил во затвор, но по излегувањето, бракот бил поништен.
На 7 септември 1996 година, по присуство на боксерски меч во Лас Вегас, бил застрелан додека се возел во автомобилот на Марион „Суж“ Најт – шефот на издавачката куќа „Дет роу рекордс“. Од 12 истрели, четири го погодиле Тупак. Починал шест дена подоцна, на 13 септември 1996 година, на 25-годишна возраст. Половина година подоцна, убиен бил и неговиот музички ривал, Кристофер Волас, познат како Ноториус Б.И.Г..
Ниту едно од убиствата не е расветлено до денес. Голем дел од јавноста ги поврзува трагедиите со конфликтот меѓу Источниот и Западниот брег, ривалство што ја обележа хип-хоп културата во 90-тите.