Чаби Алонсо ја одработи првата прес-конференција од Мајами и го најави натпреварот против Ал Хилал кој се игра оваа вечер на „Хард-Рок“ стадионот, средба со која ќе стартува новата авантура на Шпанецот како предводник на „кралскиот клуб“.
Алонсо имаше брилијантни резултати во Баер Леверкузен и се избори за договор од Флорентино Перез, а во ситуација кога влегува со големи амбиции на Светското клупско првенство, проговори и за големата дилема која сигурно ќе се провлекува во текот на цела натпреварувачка сезона.
Чаби доби три големи засилувања во имињата на Трент, Хаусен и Мастантуоно, а ако за третиот ќе мора да почека до стартот на подготовките, на првите двајца ќе смета уште на клупскиот мундијал.
Ангажманот на Трент Александер-Арнолд го чинеше Реал 10 милиони евра поради тоа што желбата на клубот беше да го има за Светското првенство, па се почесто се поставува прашањето и каква улога ќе има капитенот на тимот, Дани Карвахал.
– Трент и Дани? Привлегија е да имате играчи од таква класа за иста позиција. Трент е пофлексибилен и може да игра на повеќе позици, но што да се каже за карактерот и компетитивноста на Карвахал. Тоа е добра главоболка за било кој тренер. Целта е Дани да го вратиме во најдобра форма, а што се однесува до Трент, тој ме импресионира од првиот работен ден, – изјави Чаби.