Пеп Гвардиола е тренер кој бара максимално залагање и професионализам од сите свои играчи во тимот, а ако беше попустлив по нешто во изминатите години како тренер, тоа е одлуката која се носи за капитените во првиот тим.
Шпанецот досега им даваше на самите играчи да ги бираат лидерите во соблекувалната, но Пеп сега направи отстапка пред стартот на Светското клупско првенство и самиот именуваше четири капитени, од кој едниот е сосема нов.
Капитенската лента на Манчестер Сити минатата сезона се менуваше од рака на рака, а таквиот тренд очигледно воопшто не му се допадна на Пеп, кој сега избра четворица лидери.
Покрај Рубен Диаш, Бернардо Силива и Родри, сега и Ерлинг Халанд е на капитенскиот список на Сити, сето тоа како резултат на заминувањата на Кевин Де Брујне и Кајл Вокер.
– Јас сум менаџерот и за првпат во кариерата решив да ги бирам капитените. Не ми се допадна тоа што се случуваше со капитенската лента монатата сезона и одлучив јас да изберам кој ќе го претставува тимот на теренот.
– Понекогаш сакам јас да бидам шефот, а така ќе биде оваа сезона. Одлучив јас да направам избор, да ги одберам четворицата капитени за Светското клупско првенство, но не исклучувам можност потоа да додадам уште двајца.
– Ерлинг Халанд ќе биде нов во оваа улога, но тој е исклучително почитуван во соблекувалната. Треба да научи што значи да се биде капитен, а го гледаме во таква улога бидејќи очекуваме да биде тука со години. Има од кого да научи, тука се Бернардо, Родри и Рубен, но и Гундоган кој беше капитен за време на триплетата. Овие четворица играчи се оние кои ќе истапат кога на тимот нема да му оди добро, – изјави Пеп.