Симоне Инѕаги нема многу време за анализирање и веќе сврте нов лист како предводник на нов тим, а во пресрет на денешното деби како тренер на Ал Хилал, Италијанецот не можеше да не се наврати на болниот и историски пораз на 31-ви мај.
Новиот тренер на саудискиот клуб вечерва за ривал ќе го има Реал Мадрид, но на прес-конференцијата пред натпреварот говореше за поразот од ПСЖ во големото финале во Минхен, неуспех кој тој го доживува на малку поинаков начин од фудбалерите на Интер.
Лаутаро Мартинез откри дека не разговара со никого пет или шест дена по историскиот потоп на „Алијанц арена“, додека Инѕаги вели дека на крајот ја платил цената за извонредните четири сезони кои ги мина како предводник на Интер.
– Ако тоа е цената која треба да се плати за четири извонредни години во Интер, среќен сум што заврши така. Добив многу повеќе отколку што дадов во Интер.
– Тука мислам на играчите, навивачите, директорите на клубот. Знам дека ќе ми недостасува се што е поврзано со Интер, дури и најнеправедните критики од јавноста. Но, дадов се што имав и верувам дека донесовме најдобра одлука за Интер. Разделбата беше правилен избор, дури и во ситуација кога беше болна за сите, – вели Симоне.