Македонските клубови ги дознаа потенцијалните ривали во второто коло во Европа

Дерби

18/06/2025

11:48

171

Големина на фонт

а а а

Четирите македонски претставници во Европа ова лето ги дознаа своите ривали во првите рунди во Лигата на шампиони и Конференциската лига, а Шкендија, Силекс, Вардар и Работнички денеска ги дознаа и потенцијалните противници во второто коло.

Македонските клубови минаа добро на вчерашната ждрепка и имаат добри шанси да размислуваат на следната рунда квалификациите, а Шкендија како актуелен првак е наш единствен учесник во Лигата на шампиони.

Тетовскиот тим во првото коло го доби ТНС од Велс, а денеска стана познато дека може да вкрсти со Слован Братислава, Карабах, ФСЦБ/Ескаладес и Олимпија Љубљана/Каират доколку ја мине првата пречка.

Од екипите во Конференциската лига, убедливо најдобро помина Вардар кој ќе игра против тим со аматерско ниво од Сан Марино, па во ситуација ако освојувачот на Купот ја мине Ла Фиорита, како потенцијални ривали ги има Шамрок Роверс, Санта Клара, Балкани, Данди Јунајтед и Лозана.

Силекс како второпласиран во македонското првенство во првата рунда ќе одигра двомеч со црногорски Дечиќ, а ако успее да ја мине оваа пречка, ќе налета на еден од Рапид, Јагиелонија, Биркиркара/Петрокуб, АтлетикЕскаладес/Дифендарж и Крајова.

Работнички е последниот наш претставник во евро куповите ова лето, па ако „романтичарите“ успеат да се справат со белоруски Торпедо, можни ривали во второто коло се Макаби Хаифа, Борац од Босна, Арарат, Австрија Виена и Академија Пушкаш.