Со сè поголемата популарност на електричните автомобили ширум светот – во текот на 2024 година, 22 отсто од продадените нови автомобили во светот биле електрични возила, во споредба со 18 отсто во 2023 – сè повеќе студии и сè поголем број луѓе укажуваат на тоа дека почесто им се лоши додека се возат во електрични отколку во класични автомобили на бензин или дизел.
Социјалните мрежи се преплавени со приказни од патници кои се чувствуваат лошо додека седат на совозачкото место или назад во електрични автомобили, како и со прашања од загрижени потенцијални купувачи.
Сепак, постои научно објаснување зошто некои луѓе полесно чувствуваат мачнина во електричен автомобил, што го потврдуваат повеќе академски истражувања, пишува Гардијан.
„Поголемата зачестеност на мачнина во електричните возила може да се објасни со недостаток на претходно искуство – како во улога на возач така и на патник – при што мозокот нема доволно прецизна претстава за силите на движење, затоа што се потпира на претходни искуства од други типови автомобили“, вели Вилијам Емонд, докторанд кој ги проучува кинетозите (мачнини при возење) на Технолошкиот универзитет во Белфор-Монбелијар, Франција.
Иако електричните автомобили стануваат сè попопуларни, возилата со внатрешно согорување сè уште доминираат. Патниците подолго време се изложени на вакви автомобили и затоа се подобро навикнати на нивните карактеристични сигнали. На пример, ако некој поголем дел од животот возел автомобил со мотор на бензин, неговиот мозок учи дека по звукот на засилување на моторот следи забрзување – тоа е како предупредување дека ќе дојде до промена на брзината. Електричните автомобили ги немаат тие звуци, бидејќи нивниот електромотор речиси и да не произведува бучава.
Покрај општата непознатост, истражувањата покажале дека и одредени карактеристики типични за електричните возила може да придонесат за чувството на мачнина. Едно истражување од 2024 година покажало силна врска меѓу интензитетот на кинетозата и вибрациите на седиштата во електричните автомобили, додека студија од 2020 година истакнала дека отсуството на звук од моторот може да биде важен фактор за појава на мачнина.
„Ако сме навикнати да патуваме во возила со мотори со внатрешно согорување, сме научиле да ги толкуваме движењата на автомобилот преку звуците на моторот, вибрациите, вртежниот момент итн. Возењето во електрично возило е ново доживување на движење за мозокот, на кое му е потребна адаптација“, објаснува Емонд.
Уште еден важен фактор е регенеративното кочење, технологија во која електромоторот го забавува автомобилот и истовремено ја претвора кинетичката енергија во електрична, која се враќа во батеријата. Овој начин на кочење е постепен и рамномерен, со слабо фреквентно забавување, што значи дека возилото кочи бавно и рамномерно, за разлика од наглите, пулсирачки кочења кај класичните автомобили. Овој тип на забавување, според истражувањата, почесто предизвикува мачнина.
Студија од 2024 година го наведува регенеративното кочење како еден од главните предизвикувачи за појава на кинетоза во електричните возила. Авторите на студијата пишуваат дека нивните резултати потврдуваат дека повисокото ниво на регенеративно кочење може да предизвика кинетоза.
Се верува дека кинетозата се јавува кога постои несогласување помеѓу различните сигнали што мозокот ги прима истовремено за движењето на телото. Поточно, доаѓа до конфликт помеѓу информациите што ги испраќа внатрешното уво (одговорно за рамнотежата), очите и телото.
„Добрата способност за препознавање на сопственото движење ни овозможува да ги предвидиме силите што делуваат на телото, што е клучно за избегнување на мачнината. Меѓутоа, кога предвидените сили на движење што мозокот ги очекува не се во согласност со она што навистина се случува, мозокот го толкува тоа ’невронско несогласување‘ како конфликт. Ако тој конфликт се продолжи, може да премине прагот што ја активира автономната реакција на телото, која се манифестира преку симптоми на мачнина за време на возење“, објаснува Емонд.
Затоа способноста за предвидување на движењето на возилото е клучна – и токму затоа на возачите ретко им станува лошо. Тие знаат што следи.
Токму таа поврзаност помеѓу очекуваното и вистинското движење може да објасни зошто електричните автомобили почесто се поврзуваат со чувство на мачнина – затоа што нудат помалку сигнали кои најавуваат промени во возењето.
„Кога се соочуваме со ново искуство на движење, на мозокот му треба време да се навикне, бидејќи нема претходно знаење на кое може да се потпре. Тоа е, на пример, причината зошто речиси на сите им станува лошо во услови на состојба на бестежинска состојба“, објаснува Емонд.
Со зголемувањето на бројот на сопственици на електрични автомобили, некои истражувачи веќе бараат решенија за специфичен тип мачнина поврзана со овие возила. Неколку студии предлагаат дека кинетозата во автономните електрични возила може да се ублажи преку визуелни сигнали – како интерактивни екрани и амбиентално осветлување – или преку вибрации кои ќе би му помогнале на мозокот да ги предвиди промените во возењето и така да го намали чувството на нагло движење, особено при возење на задното седиште во електрични такси автомобили.