Помина првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, година во која се потврди измамата на гласачите, а огромната доверба која им ја дадоа граѓаните беше изневерена. Државата се наоѓа во политички ќорсокак, без јасна перспектива и визија за иднината, велат од НСДП.
За НСДП, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ е влада со најлош почеток од независноста на државата, бидејќи уште во првата година од владеењето се потврдија лажните и нереални ветувања дека ќе го вратат името, ќе го поништат Преспанскиот договор и договорот со соседна Бугарија и со тоа ќе ги направат граѓаните повторно горди, нема ништо од најавените реформи, а наместо тоа добивме изневерени очекувања на граѓаните, безидејност, закочена перспектива и тапкање во место на државата.
За НСДП ова е очекувано, знаејќи дека ВМРО-ДПМНЕ најдобро функционира во „заробена и изолирана држава“ и на добар пат се да ја вратат државата на ниво како што беше до 2017 год.
„За една година немаат отпочнато ниту една значајна реформа, ниту еден значаен проект со кој може да се пофалат пред граѓаните и да ја оправдаат големата поддршка од народот на изборите, уште се фалат и ги промовираат започнатите проекти на претходната Влада. Денес Македонија е држава без јасен пат и план за интеграцијата во Европската Унија, држава која не се реформира и економски стагнира, а граѓаните мака мачат да се справат со скапотијата и растот на цените“.
Владата, додаваат од оваа партија, се откажа од работниците, не ја интересира нивната живеачка и лошиот стандард, не разговара со синдикатите, економско-социјалниот дијалог не функционира и растот на платите е застанат.
„Додека цените во маркетите и на пазарите постојано растат, граѓаните и претпријатијата се оставени сами на себе да се справуваат со економската состојба.
Првата година од владеењето ќе остане запаметена по задолжувањата со 7 милијарди евра, за да може лесно да се финансира луксузот на владините функционери за скапите патувања, да се финансираат зголемувањето на министерствата и полнењето на администрацијата со партиски кадри, а не задоцнија и со тендерите на блиски фирми и луѓе до владеачката гарнитура.
Не задоцнија и со политичките пресметки со неистомислениците, во јавната администрација се прават невидени притисоци врз вработениете, откази и незаконски присилни распоредувања, за да се вдомат партиски подобни кадри со купени дипломи, така тие ја замислуваат реформата на јавната администрација и подобрувањето на квалитетот на услугите за граѓаните и фирмите“.
Според НСДП, вокабуларот кој го користи премиерот Мицкоски во јавните настапи е под секое политичко ниво, демонстрира дрскост, ароганција и непочитување.