"Toyota Century" е претседателска лимузина со посебна приказна – а истото важи и за нејзината "SUV" верзија.
Сè најдоброто што "Toyota" може да го понуди е концентрирано во моделот "Century", кој со децении ја опслужува најпрестижната јапонска клиентела. Сега и SUV изведбата на "Century" го подигнува стандардот уште повисоко.
Меѓу луксузните елементи кои нудат врвна удобност е и функцијата на електронско затемнување на страничните стакла за задните патници – технологија која досега главно се користеше на панорамски кровови, а сега ја гледаме и на вратите. Дури и малите странични стакла до задните седишта можат да се затемнат, обезбедувајќи дополнителна приватност.
Како функционира?
Toyota вгради специјална фолија меѓу два слоја ламинирано стакло. Технологијата, наречена "Digital Curtain", е развиена од токиската компанија "AGC" специјално за овој луксузен SUV, и ова е прва примена на таква технологија на прозорци од автомобилски врати. Со примена на електричен напон, се контролира ориентацијата на честичките во фолијата, овозможувајќи моментално префрлување меѓу три нивоа на проѕирност.
Иако електрохроматското стакло не е новитет – за првпат е претставено во 2005 година кај "Ferrari Superamerica" – технологијата подоцна се појави кај луксузните модели на "Mercedes" (како „Magic Sky Control“) и постепено стана достапна и кај популарни модели како што се "Renault Scenic E-Tech", "Rafale" и новиот "Nissan Leaf". Кај "Century" SUV оваа технологија е ограничена на страничните стакла, додека панорамскиот кров користи обично стакло со електрична завеса.
Луксуз без компромис
"Century SUV" не е обичен луксузен теренец. Секој примерок поминува три часа детална инспекција, а финалниот преглед го врши само еден главен инспектор. Почетната цена? Приближно 27 милиони јени или околу 150.000 евра. Како опции се нудат и чипкани навлаки за седишта, како носталгичен елемент од лимузинската верзија на "Century".
"Toyota" веќе го најави и "Century SUV" со лизгачки врати во стил на миниван, како и спортска верзија "Gazoo Racing". Лично, претседателот на "Toyota", Акио Тојода, го поседува единствениот примерок со ознака "GRMN".
Додека претходните генерации на "Century" беа речиси исклучиво наменети за јапонскиот пазар, SUV-верзијата веќе се продава во Кина, а во иднина може да се појави и на други пазари.