Сеск Фабрегас оствари голем успех со Комо во првата своја сезона во Серија А и беше трансфер мета на големи клубови како Интер и Баер Леверкузен, но Шпанецот реши да остане верен на проектот кој го започна пред две години, свесен дека треба да му се оддолжи на клубот кој му даде вистинска шанса за развој.
Фабрегас доби ветување за уште покомпетитивен тим и ќе го води Комо и во новата сезона во италијанскиот фудбал, а еден од неговите најголеми поддржувачи секако е професорот Арсен Венгер.
Францускиот стручњак беше оној кој му ги даде најважните лекции на Фабрегас за време на фудбалските почетоци, но дури и тој е изненаден од прогресот и развојот кој го бележи Фабрегас во период од само 12 месеци.
Фабре минатата година беше втор тренер на Комо поради тоа што немаше А лиценца од УЕФА за да биде шеф на стручниот штаб, па дури во Серија А доби шанса да биде прв тренер и да ги покаже сите свои лидерски капацитети.
– Вистината е дека не очекував да има толку брз раст и толку голем успех уште на стартот. Секако дека верувам во него и сигурен сум дека ќе биде извонреден тренер во иднина. Понекогаш е тешко да се адаптирата од играчката на тренерската кариера, но тој тоа го направи многу брзо. Добив покана да бидам дел од неговиот тренинг камп во Комо и во даден момент ќе одговорам позитивно на таа покана и ќе имаме посакувана средба, – вели Венгер.