Џим Фарли уште минатата година јавно го пофали првиот електричен автомобил на "Xiaomi", кој и самиот со задоволство го вози.
Кон крајот на минатата година, извршниот директор на "Ford", Џим Фарли, ја изненади јавноста со изјавата за автомобилот што го користи. Иако би се очекувало да вози исклучиво возила од брендот "Ford", тој призна дека ужива возејќи го електричниот автомобил на кинескиот технолошки гигант "Xiaomi". Нагласи дека фактот што избрал кинески автомобил наместо модел од својата компанија говори доволно за квалитетот на производот на "Xiaomi".
На неодамнешниот "Aspen Ideas Festival", каде што разговараше со познатиот писател Волтер Ајзексон, Фарли повторно зборуваше за кинеската автомобилска индустрија и заканата што таа ја претставува за западните производители. Рече дека во изминатата година повеќепати ја посетил Кина и добро се запознал со состојбата на нивниот пазар.
„Седумдесет отсто од сите електрични возила во светот се произведени во Кина“, истакна тој, додавајќи дека кинеските автомобили имаат супериорна вградена технологија.
Западот заостанува поради технолошка неангажираност
За разлика од тоа, западните производители сè уште не ја имаат таа длабока технолошка интеграција во возилата. Според Фарли, тоа е последица на недоволниот ангажман на компании како "Apple" и "Google" во автомобилската индустрија.
„Кога ќе влезете во автомобилот, нема потреба да го поврзувате телефонот – целиот ваш дигитален живот автоматски се пресликува во возилото“, објасни тој, опишувајќи ја беспрекорната конективност во кинеските возила.
Но, технологијата е само еден аспект во кој Кина има предност. Според Фарли, кинеските електрични автомобили се супериорни и во однос на квалитетот на изработка и во однос на трошоците – односно цената.
Промена на стратегијата на "Ford"
Средината на минатата година, "Ford" објави промена на својата стратегија за електрични возила. Финансискиот директор на компанијата тогаш најави дека планираните "SUV" електрични модели ќе бидат заменети со хибридни возила, кои покажаа голема популарност на многу пазари.
Во однос на иднината, Фарли предупреди дека САД и западните компании се во глобален судир со Кина – не само околу електричните возила. „Ако ја изгубиме таа битка – нема иднина за Ford“, категорично изјави тој, нагласувајќи колку сериозно ја сфаќа заканата од Исток.