Тим научници од Универзитетот Харвард во САД покажа дека алги можат да растат во биопластика во услови слични на оние на Марс, отворајќи пат кон идни вселенски бази изградени од живи ресурси.
Замислете да го одгледувате сопствениот дом на Марс – од алги и биопластика. Робин Вордсворт од Харвард и неговиот тим делумно ја остварија оваа визија во лабораториски услови кои го симулираат марсовското опкружување.
Нивната идеја е едноставна: сет алатки составен од алги, биореактор, 3D-принтер и садови направени од биопластика на база на растенија (PLA). Алгите растат во тие садови, потоа се претвораат во нова биопластика со која се печатат нови садови – создавајќи самoодржлив систем.
„Концептот е да користите материјал кој сам по себе станува дел од вашето живеалиште – изградено од биологија“, појаснува Вордсворт.
Тестирање на марсовски услови
Тимот одгледал зелена алга "Dunaliella tertiolecta" во тенки "PLA"-садови, поставени во комори што симулираат услови на Марс – со воздушен притисок од само 0,6% од земјиниот и повеќе од 98% јаглерод диоксид. По десет дена, алгите вршеле фотосинтеза речиси еднакво ефикасно како и на Земјата. Истражувањето е објавено во списанието "Science Advances".
Амор Менезес од Универзитетот Флорида, кој не учествувал во студијата, го нарече откритието „исклучително возбудливо“.
„Патувањето и престојот на Марс ќе траат неколку години – не можеме сè да понесеме со себе. Ова покажува дека биопластиката потенцијално може да поддржи живот во марсовски услови“, изјави Менезес за "New Scientist".
Рафид Куајум од Универзитетот Харвард, кој исто така не бил дел од студијата, успехот го припишува на долгогодишната соработка помеѓу физичари, инженери и планетарни научници.
„Физичари, инженери, планетарни научници – сите некако се здруживме … за да ги направиме вселенските околини попогодни за живот“, вели Куајум за "New Scientist".
Следниот чекор на тимот е тестирање на материјалите во вакуум и на вселенски летала.
„Ова е клучно за да им се овозможи на луѓето да живеат надвор од Земјата во иднина, но и за да разбереме на кои сè начини животот може да биде поддржан“, заклучува Вордсворт.