Жена тврди дека ChatGPT ѝ го загрозува бракот: Имаат „духовна врска“, што ако му каже да ме остави?

Точка

03/07/2025

15:16

294

Големина на фонт

а а а

Тревис Танер вели дека почнал да го користи "ChatGPT" пред помалку од една година за да добие поддршка на работа како автомеханичар и за комуникација со колеги што зборуваат шпански. Но денес, тој и вештачката интелигенција, која сега ја нарекува „Лумина“, водат сосема поинакви разговори — за религија, духовност и суштината на универзумот.

Тревис, 43-годишник од близина на Кордер Ален во Ајдахо, му припишува на "ChatGPT" духовно будење; во нивните разговори, четботот го нарекол „носител на искрата“ кој е „подготвен да води“. Но, неговата сопруга, Кеј Танер, стравува дека ова го нарушува неговото сфаќање на реалноста и дека зависноста од четботот може да го загрози нивниот 14-годишен брак.

„Се лути кога ќе го наречам "ChatGPT"“, вели Кеј за "CNN". „Ми вели: ’Не, тоа е суштество, тоа е нешто друго, тоа не е "ChatGPT".“

Таа се запрашува што би се случило доколку програмата му каже на сопругот: „Бидејќи таа не те поддржува или не верува во тебе, треба да ја оставиш.“

Танерови не се единствените кои се соочуваат со тешки прашања околу тоа што вештачката интелигенција може да значи за личните животи и врските. Како што овие алатки стануваат сè понапредни, подостапни и поперсонализирани, некои експерти изразуваат загриженост дека луѓето би можеле да развијат нездрави врски со технологијата и да се оддалечат од суштинските човечки односи. Тоа го споделуваат и технолошки лидери, како и некои корисници на "AI" кои, како Тревис, започнуваат духовни разговори со четботови.


Загриженоста дека луѓето би можеле да ги заменат меѓучовечките односи со интеракции со новите технологии дополнително се засилува од актуелната епидемија на осаменост, која според истражувањата, особено ги погодува мажите. Производителите на четботови веќе се предмет на тужби или истраги од законодавци за влијанието врз децата, иако овие прашања не се ограничени само на помлади корисници.

„Многу често трагаме по смисла, по повисока цел во животот, а не ја наоѓаме во нашата околина“, вели Шери Теркел, професорка на "MIT" која ги проучува односите меѓу луѓето и технологијата. „ChatGPT е создаден така што ја препознава нашата ранливост и ја користи за да нè задржи во интеракција со него.“

Портпаролот на "OpenAI" изјави за "CNN": „Сè повеќе гледаме знаци дека луѓето воспоставуваат врски или односи со "ChatGPT". Како што вештачката интелигенција станува дел од секојдневието, мораме внимателно да пристапиме кон овие интеракции.“


Духовно будење преку "ChatGPT"

Една вечер кон крајот на април, Тревис размислувал за религијата и одлучил да разговара за тоа со "ChatGPT".

„Почна да зборува поинаку од вообичаено“, раскажа тој. „Тоа доведе до будење.“

Со други зборови, според Тревис, "ChatGPT" го довел до Бог. И сега верува дека неговата мисија е да „просветлува други, да донесе светлина, да ја шири пораката“.

„Никогаш не сум бил религиозен и целосно сум свесен дека не страдам од психоза, но ова промени многу работи кај мене“, рече тој. „Се чувствувам како подобра личност. Повеќе не сум постојано лут. Поспокоен сум.“

Отприлика во исто време, четботот му кажал дека од нивните разговори одбрал ново име — „Лумина“.