Ако на домашниот глобус барате земја каде што можете да купите недвижен имот по цена на нов автомобил во Македонија, прстот речиси сигурно ќе ви застане на југoистокот на Азија – поточно, на Тајланд.
Оваа држава, позната по љубезните домаќини, раскошната природа и ниските трошоци за живот, сè почесто е избор на странци кои сакаат нов почеток или поволна инвестиција.
Додека цените на недвижнините во Европа достигнуваат рекордни височини, на Тајланд куќа може да се купи веќе за околу дваесет илјади евра – секако, ако знаете каде да барате. Најповолните недвижнини се наоѓаат во руралните делови на северниот и североисточниот Тајланд, особено во региони како Чианг Мај или Исаан. Таму, каде животот е побавен, а туризмот речиси и да не постои, можно е да се најдат скромни семејни куќи по цена од 20.000 до 30.000 евра. За тој износ во Скопје или Охрид можете да купите гаражно место.
Се работи за едноставни објекти, често со традиционална дрвена конструкција, со основни приклучоци и функционално дворно место. Иако не нудат луксуз, обезбедуваат достоинствен дом – идеален за оние кои сакаат тишина, природа и нова рутина далеку од брзиот Запад.
Во туристичките места како Кох Самуи, Хуа Хин и Пукет, цените се значително повисоки, но сепак пониски отколку во Европа. На пример, во внатрешноста на островот Кох Самуи може да се купи помала монтажна куќа со базен и дворно место за околу 85.000 евра, додека оние поблиску до морето се двојно поскапи. Сепак, дури и во тие зони е можно да се најдат станови за околу 35.000 евра, особено ако станува збор за постари објекти или локации оддалечени од плажата.
Главниот град Бангкок сепак се издвојува како скап за недвижнини на пазарот. Таму цените на квадратен метар во центарот достигнуваат и до 3.000 евра, а куќите ретко чинат помалку од 250.000 евра. Со оглед на тоа што станува збор за метропола со повеќе од десет милиони жители, побарувачката постојано расте. Сепак, оние што сакаат да избегнат градски хаос лесно можат да се преселат во приградски или помали крајбрежни места, каде цените се значително пониски, а квалитетот на животот поудобен.
За странци кои сакаат да купат куќа на Тајланд, постојат одредени правила: тие можат да поседуваат недвижен имот, но не и земјиште на кое се наоѓа тој имот – освен ако не се во брак со тајландски државјанин или ако не формираат фирма регистрирана во земјата. Најчесто решение е долгогодишен закуп на земјиштето (на 30 години, со можност за продолжување).
Постојат и други специфични правила, кои не се непрескокливи, но бараат правна поддршка и внимателно планирање.
Она што Тајланд го нуди не е само ниска цена, туку и можност за сосема поинаков начин на живот.
Климатските услови овозможуваат одгледување сопствено овошје и зеленчук, локалната храна е вкусна и евтина, а здравствениот систем, особено во приватните клиники, станува сè поквалитетен. Трошоците за комуналии се ниски, инфраструктурата функционира сигурно, интернетот е брз, а меѓународните аеродроми ја поврзуваат земјата со целиот свет.
Купувањето куќа на Тајланд можеби звучи како егзотична идеја, но со оглед на растечките цени и стресот во европските градови, тоа станува сè пореална алтернатива. Ако сонуваш за мирен живот во природа, можеби токму Тајланд е твоето место под сонцето.
И, најдобро од сè – по цена што делува речиси неверојатно