Аби Прајс, соработничка на порталот „Бизнис инсајдер“, откри дека патувањето во Бора Бора изгледало како врвно тропско бегство од секојдневниот живот.
Таа, како и многумина, мислела дека нема ништо подобро од опуштање во бунгалов над тиркизното море, во луксузен ресорт во Француска Полинезија. Сепак, само три дена биле доволни.
„За наше изненадување, не уживавме толку колку што очекувавме. Наместо да се чувствуваме опуштено и пријатно исклучено од светот, се чувствувавме нетрпеливо и изолирано. Нашиот четиричлен тим, двајца возрасни и двајца тинејџери, сфативме дека му недостасува повеќе содржина. Повеќе ресторани, повеќе активности, повеќе луѓе и повеќе места за истражување“, откри Аби.
Затоа тие го скратиле својот петдневен престој и отпатувале на друго место. Таа сè уште верува дека тоа била најдобрата одлука што можеле да ја донесат.
„Сакавме повеќе енергија, повеќе случувања, повеќе живот. Знаевме дека Бора Бора е оддалечена и мирна дестинација, но не бевме свесни колку тоа ќе нè ограничи. Пристигнавме во ресортот по неколку летови, преседнување во Тахити и возење со брод. Беше прекрасно, но далеку од копното и сè друго.
Кога конечно пристигнавме, сфативме дека не можеме спонтано да ја истражуваме околината. За секоја активност, како нуркање или возење со чамец, мораше однапред да резервираме скапи излети. Дури и одењето до главното село Бора Бора бараше резервација на превоз од ресортот и дополнителни трошоци и планирање за враќањето“, истакна Аби.
Проблем со храната
Што се однесува до храната, според Аби, изборот бил ограничен на неколку ресторани и барови во рамките на ресортот.
„Ако сакавме да јадеме надвор од него, ќе мораше да патуваме во други ресорти, што бараше дополнително време и пари. Едноставно тоа не се исплаќаше. Оброците беа убаво послужени, но не и незаборавни. Вечерите беа претежно коктели со зајдисонце и по некоја танцова точка во рамки на ресортот.
Полека почнавме да се чувствуваме изолирано. Посакавме енергија од некое поживописно место, каде што можеме да шетаме, да правиме планови додека пешачиме или едноставно да јадеме нешто доцна навечер надвор од ресортот“, раскажа Аби.
Промена на планот
Брзо резервирале летови до Лос Анџелес, што беше една од станиците на патот кон дома.
„Така, ја искористивме можноста да го започнеме враќањето порано, а во исто време си дозволивме неколку дена во град кој долго време беше на нашата листа на желби – поради добрата храна, прометните плажи и живописната атмосфера. Се покажа дека токму таквата средина беше она што ни недостасуваше. Следниот пат, повнимателно ќе избереме дестинација според нашиот темперамент.
Можеби звучи драстично што го напуштивме островот порано, особено затоа што изгубивме дел од парите и дополнително плативме за промените, но за нашето семејство, тоа беше вистинската одлука. Бора Бора е навистина сон на многу патници. Сепак, за нас, како активно и љубопитно семејство со тинејџери, не беше идеално.
Ако планирате да ја посетите Бора Бора, мојот совет е внимателно да размислите што ви е најважно на одмор. Ние доцна сфативме дека сакаме разновидност, настани и спонтани излегувања. Ако сте некој што сака целосен мир, изолација и бајковити пејзажи, Бора Бора е вистинското место за вас. Ако, пак, сте слични на нас – можеби треба да побарате дестинација што ви одговара повеќе“, советува Аби.