Една жена сподели приказна за својата мајка, која работела како стјуардеса без завршен факултет, но била отпуштена веднаш штом се омажила, а често жените биле отпуштани и по навршување на 32 години.
Јавноста остана шокиана откако на интернет се појави оглас за работа како стјуардеса од 1940-тите. Станува збор за промотивен леток на американската авионска компанија "Transcontinental & Western Air Inc" (TWA), стар околу 80 години, од периодот веднаш по Втората светска војна. Огласот содржи серија денес неприфатливи барања за идните стјуардеси, фокусирани речиси исклучиво на физичкиот изглед, наместо на професионалните квалификации, пишува "UNILAD".
На врвот на списокот барања стои дека кандидатката мора да има меѓу 21 и 26 години. Висината била строго пропишана — минимум 157 см, максимум 167 см — без конкретно објаснување. Телесната тежина морала да биде меѓу 45 и 59 килограми. Од формални квалификации се барало само едно: една година студии на факултет или диплома од медицинска сестра. Дополнително, кандидатката морала да биде немажена и со добар вид.
Корисниците на "Reddit" реагираа со неверување, оценувајќи ги условите како апсурдни и навредливи. Еден корисник се запраша дали "TWA" барала „неверојатно ситни жени или луѓето тогаш навистина биле помали“. Друг истакна дека една година на факултет била доволна и дека многу жени дури и го напуштале школувањето за да можат да патуваат и работат како стјуардеси, наместо да плаќаат за диплома.
Една жена ја сподели приказната на својата мајка, која работела за "TWA" без факултет, но била отпуштена штом се омажила. Додаде дека стјуардесите редовно биле отпуштани по навршување на 32 години, а компанијата дури изјавувала: „Ако до тогаш не сте нашле никого, ни ние веќе не ве сакаме“. Нејзината мајка, тврди таа, со тешкотии ја одржувала дозволената тежина со диета која се состоела од црно кафе, обезмастено млеко и четири кутии цигари дневно, додека била подложна на случајни мерења. Ако добиела само 1,5 килограм повеќе — следувала суспензија.
И покрај сè, авторката на коментарот и самата се обидела да стане стјуардеса кон крајот на 1970-тите, но наишла на слични застарени барања, вклучително и потребата за „симетрична фигура“. Додаде дека жените со поголеми гради, во време кога пластичните операции биле ретки и ризични, често биле цел на сексуално вознемирување, што тогаш се сметало за нормален дел од работата. Заклучи дека на крај ѝ било олеснување што не ја добила работата.
И други корисници споделија слични искуства од своите мајки кои работеле во "TWA" во 1970-тите, наведувајќи дека условите не се промениле многу ни тогаш. "TWA" постоела од 1930 до 2001 година, кога ја презеде "American Airlines" — компанија која, за разлика од "TWA", денес не дискриминира вработени по возраст, висина, тежина или брачен статус.