СДСМ: Министерската фотелја на Борко Ристовски му е поважна од принципите по кои некогаш настапувал на терен

Макфакс

11/07/2025

11:30

178

Големина на фонт

а а а

За една година Владата на ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски, спортот го претворија во жртва на нивниот хаос, корупција и неспособност. Наместо поддршка, спортот од власта доби игнорирање. Наместо инвестиции, доби кратења. Министерот за спорт Борко Ристовски – заборави дека некогаш бил спортист – очигледно, министерската фотелја му е поважна од принципите по кои некогаш настапувал на терен, обвини Панче Милевски – Панта, претседател на Комисија за спорт на СДСМ.

„Ристовски ги изманипулира спортистите. Наместо 15 милиони евра субвенции за спортистите, во Буџетот за 2025 година се предвидоа дупло помалку – 7,2 милиони евра. А со ребалансот, Ристовски дозволи уште еднаш да се скрати поддршката на 6,7 милиони евра – најниско ниво на субвенции за спорт до сега. Во периодот кога спортистите од екипните спортови се подготвуваат за следната сезона, секој клуб, федерација и спортист се оставени со 40% помалку средства за директна поддршка. И за овие субвенции нема отчет како се распределуваат, нема никаква контролa, министерот не објавил ниту еден документ, правилник или критериум за распределба на средства, систем или методологија како се распределуваат средствата. Единствениот извор на информации е алатката open.finance – каде јасно се гледа селективноста, нелогичноста на сумите кои ги добиваат одредени спортови- пристрасноста на делењето на државните пари но и потчинувањето на клубовите блиски до коалиционите партнери“, рече Милевски.

Според него, не е објавен ниту еден извештај од ниту еден спортски субјект, ниту Записник од спроведена контрола или инспекција како ги трошат народните пари, а, како што рече, се фалат дека дале 20 милиони евра за две години.

„Јасно е дека и тука парите се делат според “Партиското тефтерче на Мицковски“ – Кој го има во тефтерчето, тој добива пари“, рече тој.

Милевски вели дека наместо сервис за спортистите и клубовите кои ја претставуваат Македонија во светот, министерот Ристовски се претворил во бизнисмен, а Министерството за спорт во градежна фирма.

„Најталентираните кошаркари од Спортската академија останаа без професионални тренери поради директно партиско мешање на Министерството за спорт и Министерството за образование во конкурсот на Кошаркарската федерација – очигледно, за нив поважно е кој е во тефтерчето, односно кој е близок до нив. До сега најголемиот успех на Министерот Ристовски е назначување на неговиот кум/кумашин за државен секретар во Министерството за спорт. Непотизмот цвета“, рече Милевски.

Тој го повика Државниот завод за ревизија да спроведе вонредна контрола на целокупното работење на Министерството за спорт.