Габриела Дабровски, канадска тенисерка и финалистка на Вимблдон во женски двојки во 2019 и 2024 година, дознала дека има рак на дојка една година откако нејзиниот лекар ѝ рекол дека нема за што да се грижи.
Во пролетта 2023 година, таа забележала грутка во дојката, но прегледот во тој момент не укажувал на сериозна дијагноза.
Една година подоцна, за време на рутински лекарски преглед организиран од ВТА, друг лекар ја охрабрил веднаш да се подложи на дополнителни тестови. Набргу потоа, следеле мамографија, ултразвук и итен повик од радиолог кој побарал биопсија. Дијагнозата за рак на дојка дошла многу брзо, а Дабровски призна дека ситуацијата потоа „многу брзо се искомплицирала“.
За среќа, имаше некои охрабрувачки вести. Тестот „Oncotype DX“ покажал низок ризик, а ракот не се проширил на лимфните јазли, па затоа не била потребна хемотерапија. „Беше страшно, но благодарна сум што дејствував брзо и што болеста беше откриена рано“, рече Дабровски.
„Ако се открие и лекува рано, ракот на дојка е 99% излечив“
И покрај третманот, кој вклучувал две операции и тримесечно закрепнување, Дабровски успеа да освои бронзен медал во мешани двојки на Олимписките игри во Париз во 2024 година со партнерот Феликс Оже-Алијасим. Но патот до таму воопшто не бил лесен.
„Секоја вечер си легнував размислувајќи како ќе преживеам следниот ден, што ќе јадам, дали ќе можам да спијам и ако не, како ќе се справам со тоа. Се фокусирав на мали, остварливи цели… и потоа дојде добар резултат“, раскажа Габриела.
Во разговор за „Olympics.com“, таа додаде: „Самото одење на Олимписките игри ме натера да се чувствувам како победник. Не бев сигурна дали ќе бидам подготвена да се натпреварувам. За среќа, можев да играм на трева во Велика Британија, имав одлична сезона, а по Вимблдон отидов на свадбата на мојата пријателка. Тоа беше двомесечен период исполнет со позитивни моменти по тежок период“.
Дабровски го добила резултатот од анализите во ноември, кој потврдил дека шест месеци немала знаци на болеста. Оттогаш, таа се залага за кревање на свеста за ракот на дојка и важноста на раното откривање. „Сакав да им порачам на жените дека иако дијагнозата на рак може да биде застрашувачка, ако се открие рано и се лекува правилно, ракот на дојка е 99% излечив. Тоа беше првата порака што ја видов кога отидов на мамографија“, се присети тенисерката.
Кои се симптомите на рак на дојка?
Симптомите на рак на дојка вклучуваат грутка или задебелување во дојката, промени на кожата како што се вдлабнатини или набраздувања, промени во обликот или големината на дојката, исцедок од брадавиците, промени во брадавицата и постојана болка во дојката или пазувите.
Секундарните симптоми на ракот на дојка може да вклучуваат долготраен замор, намален апетит, губење на тежина, гадење, општа слабост без јасна причина и тешкотии при спиење.