Луис Енрике: Имав само една намера во мешаницата која настана на крајот

Дерби

14/07/2025

10:18

582

Големина на фонт

а а а

Луис Енрике се најде во центарот на вниманието по крајот на финалето во Њу Џерси поради физичкиот напад кој го режираше над Жоао Педро, фудбалер кој претходно се обидуваше да истера правда со италијанскиот чувар на мрежата, Џанлуиџи Донарума.

Тренерот на ПСЖ влета во мешаницата и со левата рака го закачи новиот напаѓач на Челси, па во моменти кога се зборува и за казна од страна на ФИФА, Лучо мораше да дава и објаснувања на прес-конференцијата.

Шпанскиот стручњак се обиде да ја намали тензијата и нагласи дека негова единствена цел била да ги раздвојува фудбалерите, но во моментите на голема мешаница, дошло до епилог кој најмалку го очекувал.

– На крајот на натпреварот имаше ситуација која можеше да биде избегната од сите. Мојата цел беше да ги раздвојувам фудбалерите, но дојде до тоа што дојде. Имаше серија туркања, а јас имав цел да ја намалам тензијата. Во мешаницата го видов и Мареска како турка фудбалери.

– Ќе повторам уште еднаш, тоа беше ситуација која можеше да се избегне од сите, но јасно ми е дека не направив најдобра работа. Немам што многу да додавам на таа тема, – изјави Луис Енрике, кој потоа се наврати на поразот од 3:0 во финалето на Светското клупско првенство.

– Ќе мора да го погледнеме натпреварот добро за да видиме што точно се случи. Тие подобро го започнаа мечот, ни вршеа пресинг и имавме потешкотии да излеземе лесно од нашата половина. После тоа, имавме шанси да се вратиме со некој гол, но не успеавме да го направиме тоа. Челси заслужи да победи и уште пред натпреварот нагласив дека тие се одличен тим, – изјави Луис Енрике.